Изборите за претседател на државата и предвремените парламентарни избори се спроведени криминално, нефер и недемократски.
Не постојат институции во државата, што можат да го констатираат тоа и да постапат согласно интересите на граѓаните на Република Македонија, порача СДСМ, после ноќешната седница на Централниот одбор на СДСМ, на која беше потврдено дека нема да се преземат мандатите на избраните пратеници од редовите на СДСМ, а беше закажан и партиски конгрес за 11 мај.
„Едногласно, Централниот одбор на СДСМ, вчеравечер, ја прифати одлуката на Извршниот одбор за неприфаќање на мандатите на избраните пратеници во Собранието на РМ.
Централниот одбор на СДСМ цврсто стои зад оценките дека поради системскиот притисок на власта врз граѓаните и изедначувањето на државата со партијата на власт, гласачите беа оневозможени да гласаат слободно.
Изборите за претседател на државата и предвремените парламентарни избори се спроведени криминално, нефер и недемократски.
Не постојат институции во државата, што можат да го констатираат тоа и да постапат согласно интересите на граѓаните на Република Македонија.
За тоа говори игнорирањето од надлежните институции на над 170 приложени забелешки од страна на СДСМ во предизборието. Еден од конкретните примери за тоталната контрола на власта врз државата во целина, е молкот, буквално на сите институции, одговорни за постапување по коруптивниот случај “Македонска банка“, во којшто е директно инволвиран Никола Груевски. Ова лице, без никаква одговорност, влегува во формирање нова Влада, со што продолжува дерогирањето на системот на државата“, се вели во сооппштението на СДСМ за седницата на Централниот одбор.
Од најголемата опозициска партија информираат дека Централниот одбор едногласно ја потврдил одлуката на раководството на СДСМ за непризнавање на изборниот процес.
„Централниот одбор му даде поддршка на раководството на СДСМ, предводено од претседателот на СДСМ, Зоран Заев да продолжи со прецизирањето на активностите на СДСМ во насока на создавање услови за организирање фер и демократски избори во Република Македонија.
Централниот одбор на СДСМ донесе одлука за одржување на 18-от Конгрес на СДСМ на 11 мај, на којшто ќе биде разгледан Извештајот за претседателските и парламентарни избори 2014 и ќе биде утврдена довербата во органите на партијата“, соопштува СДСМ.
Од партијата велат дека долгата и обемна дискусија на Централниот одбор вклучувала размена на мислења за сите важни прашања поврзани со дејствувањето на СДСМ.
„СДСМ е партија на којашто во преден план и е заштитата на интересите на граѓаните и на Република Македонија и едногласните одлуки на ЦО го покажуваат уште еднаш на дело демократскиот капацитет на Социјалдемократскиот сојуз, да биде предводник на тие процеси во државата“, се вели во соопштението.