„ССМ мафија“, „Бараме работнички права“, „Во Собрание сите сте исти“ извикуваа работниците и членови на повеќе синдикати на денешниот протест по повод 1 мај – Меѓународниот ден на трудот.
Додека Сојузот на синдикати (ССМ) денешниот 1 мај го одбележа симболично со собир на плоштадот „Македонија“ и одржување на свечена седница, членови и претставници на повеќе синдикати протестирајќи пред Собранието и Владата, упатија неколку барања до власта, сметајќи дека ситуацијата со работниците во државата е лоша.
Тие бараат Законот за дискриминација да не дискриминира и ефективно да ги казнува прекршителите. Во однос на законот, бараат да се изедначи минималната во сите сектори уште во 2014 година, а не во 2018-та, а работодавците за кои ќе се утврди дека не ја исплаќаат минималната плата дасе казнуваат со парични казни, а не да добиваат покани за едукација. Од аспект на правото за синдикално организирање, претставниците на синдикатите сметаат дека се потребни промени во законската и подзаконската регулатива, за да не се одолговлекува процесот на регистрација на синдикатите.
За нив, досега, тоа претставува мртво слово на харија. Претседателот на Конфедерацијата на независни синдикати, Марјан Ристески вели дека повеќе немаат намера да молчат, а од репрезентативните синдикати „им е преку глава“ и тие немаат доверба во самите себе.
– Ги повикуваме работниците да се приклучат кај нас и сите заедно да го вратиме достоинството на работникот кој го има изгубено. Ги повикувам од Министерстовот за труд и социјала да погледнат колку луѓе работат денеска на празникот и дали ќе земат плата. Денес има работници кои работат по 12 часа, а им се плаќа само за осум часа работно време – вели Ристески.
Според Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“, 1 мај може да се слави единствено преку протест, а за прв пат два синдикати од Прилеп и Куманово се приклучуваат кон овој чин.
– Денот на работникот ситуацијата со правата на работникот е многу лоша. Сите синдикати денеска беа информирани за протестот. Некои од нив решија да излезат, а некои да го одбележт со симболични акции. Сепак, граѓаните се вистински судии Состојбата со работничките права во Македонија е многу лоша, растат сиромаштијата, класните разлики.
За претседателката на Самостојниот синдикат на новинари, Тамара Чаусидис, барањата кои тие ги имаат мора да бидат наметнати, бидејќи ситуацијата е неиздржлива.
– Нашите работници во денешни услови работат во услови како во 1886 година, кога и се случи првичниот протест. Се враќаме со изворен синдикализам и нашите барања ќе најдеме начин да ги наметнеме. Ова веќе не може поинаку – порача Чаусидис.
На денешниот протест присуствуваа Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ, Движењето за социјална правда ЛЕНКА и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ).
Петар Клинчарски