Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи ги обвини силите на САД и Велика Британија дека продолжуваат да реководат „илегални“ центри за притвор во земјата.
Комисијата именувана од Карзаи откри шестмина затвореници во британски центар во Кандахар и 17 затвореници во друг британски центар во Хелманд. Во американските центри не се откриени затвореници, но тие воопшто и не треба да постојат, наведува шефот на комисијата.
Британските воени власти соопштија дека затворениците се приведени на барање на авганистанските власти, кога постојат докази дека учествувале во криминални активности.
– Секој центар што го користиме за приведување е познат не само на владата на Исламската република Авганистан, туку и на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, соопшти министерството за одбрана на САД.
Под притисок на Карзаи САД се согласија да ги префрлат под авганистанска управа своите затвори и затвореници во земјата, а британските сили имаат дозвола да приведуваат осомничени на 96 часа, но и подолго во случај на вонредни околности.
Карзаи го оцени како флагрантно кршење на авганистанските закони постоењето на центри за приведување на странски сили во земјата.
– Сите приведени треба да бидат предадени на авганистанските сили за безбедност во регионите, каде се уапсени, истакна претседателот.