Уште 60 американски врвни доктори доаѓаат во Македонија

Од:

Успешно се заокружува третата, односно пролетната сезона од Програмата за престој на специјалисти од САД во јавните здравствени установи во Македонија во рамки на која 24 врвни специјалисти од различни области во медицината (нефрологија, неонатологија, офталмологија, анестезиологија, лапараскопска хирургија, патологија, педијатрија…) на македонските доктори им пренесуваа знаења и искуства. За претстојната – есенска сезона, предвидено е над 60 специјалисти да дојдат во Македонија од медицинските центри во САД, односно три специјализирани тимови ќе дојдат оваа есен.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека во рамки на пролетната сезона, доктор Лес Валтерс на Клиниката за кардиологија ја извршил првата процедура – аортна балон валвулопластика за пациенти кои не се во можност да одат на отворена операција на срце, а во изминатиот период двајца пациенти од Македонија биле успешно третирани. Оваа процедура, како што посочи, е првиот чекор кон примената на најсовремените третмани за аортната валвула.

– Над 60 специјалисти од САД досега престојуваа во Македонија во рамки на оваа програма, со цел да придонесат за унапредување на здравствената заштита во државата и речиси сите недвосмислено изразија желба да се вратат и да продолжат да соработуваат со македонските колеги, додека повеќе од 200 специјалисти од САД веќе изразиле интерес кај координаторот на програмата д-р Енди Сандерс да ја посетат Македонија и да се вклучат во проектот, рече Тодоров.

Нагласи дека тие доктори своето искуство и знаење го пренесуваат и на студентите на медицина за кои секоја недела биле организирани стручни предавања од областа на различни специјалности во Скопје, Штип и Тетово.

Во врска со доаѓањето на над 60 специјалисти од САД во Македонија во претстојната – есенска сезона, истакна дека станува збор за педијатриски тим за невролошки развој кај децата, кој ќе го сочинуваат осум водечки експерти во дијагностицирање на аутизам и други болести во развојот, кој ќе дојде во септември.

– Вториот тим е од областа на хирургија и трауматологија и ќе го сочинуваат шест лекари-експерти во оваа област, кои ќе вршат доедукација на 40 хирурзи од Македонија за третирање ургентни трауматолошки случаи, каде што минутите се критични за исходот на пациентот. Во третиот тим ќе бидат вклучени експерти за развој на програми за специјализација, преку кои ќе се помогне во подигнување на стандардите во оваа област, потенцира Тодоров.

Укажа дека во рамки на есенската сезона околу два месеца ќе престојува и васкуларен хирург, кој заедно со д-р Сандерс ќе работат на унапредување на хируршките техники во Македонија, а еден анестезиолог (со своето шестчлено семејство) ќе се пресели во Македонија за период од една година.

Наброја дел од членовите на тимот кои сезонава престојуваа во Македонија и овозможија значаен придонес во здравствената заштита во повеќе медицински области, меѓу кои се: д-р Брус Мекфејден, лидер во лапароскопската хирургија во САД, д-р Набил Џабур, врвен експерт во областа на справување со слепило кај недоносени бебиња, д-р Пол Бартон, истакнат експерт – анестезиолог, кој работеше со анестезиолозите од Скопје и Штип, д-р Филип Танер, кој освен што работеше заедно со докторите од Скопје, Штип, Битола и Тетово на извршување ендоскопија и колоноскопија, придонесе и кон усовршување на овие техники и нивната примена во Македонија, и со тимот од македонски доктори ја изврши првата колоноскопија во Клиничката болница Тетово.

Координаторот на Програмата за престој на специјалисти од САД во ЈЗУ во Македонија д-р Енди Сандерс рече дека по девет месеци од нивниот престој во земјата, проектот се развива многу подобро од што се очекувало.

– Во оваа сесија првпат почна нашата соработка и со докторите од примарната здравствена заштита, односно специјалистите по семејна медицина во Македонија. Досега сме работеле во многу земји и видовме здравствени системи од многу земји, не на ваков начин како што работиме во Македонија. Она што министерот Тодоров го почна тука е навистина нешто многу уникатно, единствено. Овој проект е развиен врз основа на релациите меѓу специјалистите од Македонија и од САД, рече Сандерс.

Посочи дека има огромен број специјалисти од САД кои сакаат да бидат вклучени во Програмата и додаде дека проектот има огромен импакт во Македонија, направи импакт во професијата, животите и срцата на над 60 врвни американски специјалисти и придонесе да се зголемува интересот на луѓето да дојдат и да помогнат за подигнување на здравствената грижа за граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање Сандерс рече дека вештините на македонските доктори се многу слични со вештините на специјалистите од САД. Посочи дека целта е да се унапреди здравствената заштита во Македонија што вклучува вештини, на некои места технологија, а една од областите каде што е потребно унапредување, се програмите за специјализација.

Министерот Тодоров одговарајќи на новинарско прашање рече дека една од групите кои доаѓа во Македонија ќе биде фокусирана на специјализациите и на програмите за специјализации. Многу е важно, како што посочи, што продуцираме во Македонија од аспект на кадар, каков кадар продуцираме и на што е способен да одговори и во кое време, дали после завршување на специјализацијата специјалистот може да работи се, во што може да биде вклучен или повторно му треба определена дообука или определен период.

– Во целиот проект една од работите која излезе на површина е да помогнеме во уште подобро структурирање на програмата за специјализација односно по нејзиното завршување докторот да биде способен да работи комплетно се. Тоа го рефлектиравме и во последните измени на законите за здравствена заштита и за медицински студии и континуирана медицинска едукација, а ќе се рефлектира и со доаѓањето на тимот врвни американски специјалисти кои се евалуатори на програмите за специјализации на универзитетите во САД, истакна Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека проектот кој вклучува доаѓање на професори од странство и испраќање на македонски доктори во странство чинел 60 милиони денари (милион евра) кои биле инвестирани во знаење на македонските доктори, сестри и останатиот медицински персонал.

– Докторите од Америка го донираат своето време, не наплаќаат за едукацијата која ја вршат во Македонија. Ги плаќаме само патните трошоци и трошоците за престој, додаде Тодоров.

Би можело да ве интересира

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски