Таткото на едно девојче со писмо ја подговува за суровиот и површен свет на рекламите, потсетувајќи ја дека е преубава и извртувајќи ги фразите со кои се продаваат производите, кои ја кријат вистинската убавина на жената – шминката.
Таткото на едно четиригодишно девојче и пишува на својата најдрага девојка на светот писмо, кое планира да и го даде еден ден кога ќе дојде време за тоа, но тој им пишува и на сите жени кои сакаат да ги слушаат зборовите на еден татко. Тој потсетува дека никој не смее и не може да ја дефинира вистинската убавина на жената, но дека многумина ќе се обидат да го сторат тоа.
Свесен за вистинската и природна убавина на секоја жена, тој не сака неговата ќерка еден ден да го замаскира своето лице и со шминка да го менува својот изглед бидејќи другите и кажале дека тоа е неопходно. Затоа вредно работи на тоа таа да не се покори на типичната претстава за жената, која ја нудат медиумите и иако смета дека пред него претстои голема работа, верува дека ќе успее.
Следува неговото писмо:
„Драга малечка,
Додека ова ти го пишувам се наоѓам во одделот за продавање шминка во една локална продавница. Неодамна еден пријател ми испрати порака додека се наоѓаше на слично место и ми кажа дека се чуствува како да се наоѓа на едно од најсуровите места во светот. Затоа сакав да се обидам да разберам зошто тоа е така. И сега додека седам тука почнувам да се согласувам со него. Зборовите имаат моќ, а зборовите кои ги гледам на полиците со шминка се многу моќни. Зборови и фрази како овие:
Преубаво,
Безгрешна,
Беспрекорен финиш,
Сјајна сила,
Течна моќ,
Изберете природно,
Им пркоси на годините,
Моментално го враќа времето,
Избери свој сон,
Речиси гола,
Природна убавина,
Кога ќе станеш родител на девојче ќе сфатиш дека таа е силна колку и сите околу нејзе, таа е сила на која треба да се смета, огнена душа со исти желби и страсти како и секој друг. Сепак, додека седам во делот на продавницата во која се нуди шминка, заклучувам дека многумина нема да ја видат како таква. Ќе ја видат како убаво лице и тело за уживање. И ќе и кажат дека мора да изгледа на одреден начин за да вреди и за да биде влијателна.
Но зборовите имаат моќ и можеби, само можеби, зборовите на таткото можат да се натпреваруваат со зборовите на светот. Можеби татковите зборови можат да му помогнат на девојчето, да ја претвори шлаканицата на институционализираниот срам во стабилно чувство за сопствената вредност и убавина.
Татковите зборови не се поинакви зборови, но имаат поинакво значење:
Сјајна сила – Нека твојата сила не биде во ноктите, туку во срцето. Разбери кој си, а потоа ќе можеш успешно да се пробиваш низ животот.
Избери го својот сон – Но нека твојот сон не доаѓа од полиците. Пронајди тивко место во себе и посади ги таму вистинските соништа. Откриј што сакаш во овој свет, а кога ќе одбереш продолжи со тоа, со интегритет и надеж.
Гола – Светот сака да се разголиш. Меѓутоа, ти извади ги ракавиците. Кажи што ти е на срцето. Биди ранлива. Ризикувај. Сакај ги сите и оние кои едвај самите знаат што е тоа љубов. Прави го тоа достоинствено и енергично.
Безгрешно – Биди секогаш свесна за една работа – безгрешноста не постои. Тоа е илузија која ја создале луѓето кои се заинтересирани за твојот паричник. Доколку избереш да трагаш во совршенство, биди непогрешливо благодарна поради тоа кој си и поради сите што те опкружуваат.
Да им пркосиш на годините – Твојата кожа ќе се збрчка, а младоста ќе исчезне, но твојата душа вечно ќе остане млада. Секогаш ќе знае како да си игра, како да ужива и како да лудува во овој живот во кој имаме само една прилика. Пркоси му на стареењето со својот дух.
Беспрекорен финиш – Крајот нема никаква врска со тоа како изгледаме денеска, но има врска со тоа каков е нашиот живот. Затоа годините од животот нека бидат подготовка за денот кога ќе дојде крајот. Стареј грациозно, расти мудро, сакај така што со љубовта ќе ги опфатиш сите луѓе. Нека твојата беспрекорна завршница биде спокојна прегратка на крајот и пат кон непознатото, а твојот живот дар за секому кому си му во срцето.
Малечка, ти сакаш се што е розово и украсено и верувам дека еден ден и самата ќе сфатиш дали шминката е навистина важна, сепак те молам еден збор да ти стане важен – последниот збор, кој ќе го изговориш пред спиење кога ќе те прашам каде си најубава. Зборот кој е толку светол што ниту еден коректор не може да го сокрие.
Каде си најубава?
Внатре.
Од моето срце кон твоето,