МОСТ: Изборите мирни, притисоци, агитирање и семјно гласање

Од:

Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше вториот круг од претседателските избори и предвремените парламентарни избори со 1.712 набљудувачи, распоредени на исто толку избирачки места, со што беа покриени 50% од вкупниот број на избирачките места на територијата на целата држава, како и 50% од бројот на избирачките места во секоја општина, односно изборна единица.

За набљудување на процесот на гласање на болните и немоќни лица и лицата во домашен притвор на 26 април беа ангажирани 79 набљудувачи, а за гласањето на избирачите во казнено-поправните установи – 15 набљудувачи. Исто така, предмет на набљудување беше и работата на Државната изборна комисија и 80-те општински изборни комисии.

Набљудувачите на МОСТ беа статични и го следеа процесот на гласање во текот на целиот изборен ден. Покрај статичните набљудувачи на гласачките места, Граѓанската асоцијација МОСТ распореди и 84 мобилни тимови составени од 2 набљудувачи, кои служеа како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ги набљудуваа оние места на кои МОСТ немаше распоредено статични набљудувачи.

Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 29-те регионални координатори, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека гласањето на 27-ми април беше спроведено ефикасно и без инциденти, со значително зголемување на случаите на групно и семејно гласање, споредено со првиот круг од претседателските избори. На дел од гласачките места избирачките одбори не ги информираа правилно гласачите за процедурата на гласање, односно за тоа дека може да изберат за кој изборен процес сакаат да гласаат, туку веднаш им издаваа гласачки ливчиња за двата вида избори.

Изборниот ден помина мирно, но со зголемен интензитет на мобилизација на гласачите, која во одредени случаи преминуваше во притисок врз нив да излезат на гласање. Ова беше евидентно и од фактот што пред одредени гласачки места забележано беше агитирање и евидентирање на гласачите.

За гласањето на болните и немоќни лица спроведено на 26-ти април, за вториот круг од претседателските и за предвремените парламентарни избори биле пријавени 9.218 лица што претставува зголемување во однос на првиот круг од претседателските избори за 24,8%. ДИК најави дека доколку има случаи на непочитување на процедурата ќе преземе мерки, како против ОИК, така и против лекарите кои издавале несоодветна документација. Иако овие мерки се позитивни и во иднина би требало да придонесат кон подобра контрола на овој процес, сепак за овој изборен процес тие се задоцнети, со оглед на тоа што лицата кои евентуално не ги исполниле условите за овој вид гласање веќе гласале. Што се однесува пак до процедурата на спроведување на овој вид гласање, генералната забелешка е дека беше нарушена тајноста на гласањето. Она што треба да се истакне е дека без разлика на бројот на граѓани пријавени за овој вид гласање, овие луѓе заслужуваат еднаков третман и можност својот глас да го дадат во тајност.

Во периодот помеѓу двата изборни дена, кампањата се заостри, како во однос на реториката, така и во однос на активностите на терен. Четири партиски штабови во Скопје1 и еден партиски штаб во село Канатларци, општина Прилеп,2 беа демолирани, а исто така имаше и инцидент помеѓу активисти на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Скопје. Регионалните координатори на МОСТ од општините Битола, Куманово, Гостивар, Кичево, Струга, Гевгелија, Кочани и Струмица исто така известија и за наводни притисоци врз вработените во јавната администрација. За разлика од првиот круг, беше зголемен интензитетот на водење на негативна кампања. На дел од митинзите беше забележано користење на службени возила, а малолетниците повторно беа присутни на поголем дел од митинзите на сите политички субјекти. Во текот на кампањата беше забележан повик за мобилизација на гласачите по етничка основа, изразен преку барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за освојување на апсолутно мнозинство во Собранието и барањето на лидерот на ДУИ за освојување на 25 пратеници. Ваквите повици не придонесуваат кон градење на одржливо мултиетничко и мултикултурно општество.

Согласно новите одредби во Изборниот законик според кои во едно гласачко место не може да има повеќе од 1.000 гласачи, беа формирани 502 нови гласачки места и гласачите од едно место беа распоредени во две места. Дополнително, за првпат во Република Македонија се организираа два изборни процеси со различни рокови за спроведување на изборните дејствија. Тоа резултираше со 2 процеси на увид во Избирачкиот список, еден за претседателските и еден за парламентарните избори кои течеа еден по друг. Поради тоа постоеја одредени разлики помеѓу Избирачкиот список за претседателските и оној за парламентарните избори.

Државната изборна комисија повторно не ги објави податоците за јавниот увид во Избирачкиот список, ниту за претседателските, ниту за парламентарните избори. Граѓанската асоцијација МОСТ на 2-ри април достави барање до ДИК за добивање на овие податоци, а согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер рокот за одговор е 30 дена. До денес Државната изборна комисија се уште нема одговорено на ова барање.

Помеѓу двата изборни дена ДИК донесе ново упатство за процедурата на гласање, според кое на 27-ми април се обележуваше левиот палец на гласачите, поради тоа што кај дел од нив останале траги од мастилото од првиот круг. И покрај фактот што ова упатство е во спротивност со Изборниот законик, намерата на Државната изборна комисија беше да се отстрани секаков сомнеж во спроведувањето на процедурата на гласање.

Државната изборна комисија не ги прифати пријавите на 639 државјани на РМ кои престојуваат во Албанија да гласаат во амбасадата на РМ во Тирана за предвремените парламентарни избори, иако истите веќе беа запишани во посебниот извод од Избирачкиот список за ДКП Тирана за претседателските избори. Против овие одлуки на Државната изборна комисија беа поднесени 636 тужби до Управниот суд кои беа прифатени, со што овие лица добија право да гласаат во ДКП Тирана на предвремените парламентарни избори. Во текот на расправата за одлуките на Управниот суд, членовите на ДИК ги градеа своите ставови застапувајќи ги интересите и позициите на политичките партии од кои се предложени.

Врз основа на податоците добиени од ПВТ програмата за паралелно пребројување на гласовите одѕивот на гласачките места на претседателските избори бил 54,35%. Од важечките ливчиња, гласовите за претседателските кандидати се распределени на следниот начин:

1. Ѓорге Иванов – 57,2%
3. Стево Пендаровски – 42,8%

Одѕивот на парламентарните избори по изборни единици е следен:

ИЕ 1 – 65,45%
ИЕ 2 – 60,87%
ИЕ 3 – 70,51%
ИЕ 4 – 73,04%
ИЕ 5 – 61,28%
ИЕ 6 – 50,31%

Распоредот на мандати според ПВТ програмата е следниот:

Изборна единица 1
Коалиција ВМРО ДПМНЕ – 9
Коалиција СДСМ – 7
ДУИ – 3
ДПА – 1

Изборна единица 2
Коалиција ВМРО ДПМНЕ – 10
Коалиција СДСМ – 5
ДУИ – 4
ДПА – 1

Изборна единица 3
Коалиција ВМРО ДПМНЕ – 13
Коалиција СДСМ – 7

Изборна единица 4
Коалиција ВМРО ДПМНЕ – 12
Коалиција СДСМ – 8

Изборна единица 5
Коалиција ВМРО ДПМНЕ – 12
Коалиција СДСМ – 6
ДУИ – 2

Изборна единица 6
ДУИ – 9
ДПА – 5
Коалиција ВМРО ДПМНЕ – 4
Коалиција СДСМ – 1
НДП – 1

Добиените податоци се со можна маргина на грешка од +/-2%.

МОСТ изразува голема благодарност до сите граѓани кои несебично ги помогнаа напорите на домашно, непартиско набљудување на изборите и кои беа дел од големото семејство на МОСТ, како и до сите поддржувачи кои ја помогнаа мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ.

Проектот “Домашно набљудување на претседателските и предвремените парламентарни избори 2014” се спроведува од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ и е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Швајцарската агенција за развој и соработка и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Нова драма во САД: Брод удри во мост, се излеа нафта, спасувачките служби го блокираа сообраќајот

Горан Наумовски

Русија: Украинците подготвуваат напад на мостот на Крим, Западот им помага, а одмаздата ќе биде погубна

А1он

Објавена аудио снимка од хероите од Балтимор: „Веднаш блокирај го сообраќајот на мостот“

Горан Наумовски

Исчезнатите работници на мостот во Балтимор најверојатно загинале

Горан Наумовски

Сонар откри дека има возила во водата под урнатиот мост во Балтимор

(ВИДЕО) Ангелов револтиран поради мостот кај Визбегово: Некој може да биде убиен од овие коцки

А1он