Сопствениците на кафе барот ГОЛД од Ресен, бараат помош од медиумите, откако полицијата не може да ги заштити од насилството на лицето Г.А. од Ресен и неколкумина негови пријатели.
Ноќта меѓу 23 и 24 април 2014, се случил голем инцидент во Ресен, каде што беа претепани дел од персоналот и еден од сопствениците на кафе барот ГОЛД од Ресен.
-Ова не е прв инцидент предизвикан од истото лице, кое што учествуваше во повеќе кривични дела и напади извршени врз нашиот кафе бар и нас како сопственици на истиот, а тој се уште е на слобода и продолжува со девијантното однесување без никаков проблем, за што говори завчерашниот немил настан, а за жал нема никаков резултат од надлежните институции, велат Златко Нелковски и Игор Митановски, сопственици на кафе барот.
Тие велат дека ноќта меѓу 1 и 2 август 2013 година, за Илинден, ова лице го демолирало нивниот бар причинувајќи огромна материјална штета, а за што има и видео снимка. Случајот бил пријавен во полиција, но лицето останало на слобода.
За целиот случај во моментов е во тек судски процес, при што покрај она што го снимија камерите, имаше и сведоци кои се постојано под притисоци, закани и физички малтретирани од страна на насилникот, велат сопствениците на кафе барот.
Работите се влошиле откако еден од сопствениците Нелковски, кон крајот на август во селото Долно Дупени, бил физички нападнат за што се води веќе втор судски процес.
-И после ова, остана на слобода и продолжи да прави инциденти. Во текот на декември 2013 г. по судското рочиште за случајот со демолирањето, во истиот ден Горан го нападна и претепа главниот сведок кој го виде демолирањето, велат сопствениците на кафе барот.
-Тој истата вечер не’ нападна нас двајцата сопственици на ГОЛД, на паркинг просторот близу нашиот кафич, при што изврши обид за убиство и се закани со употреба на огнено оружје, по што настана физичка пресметка во која за среќа му беше одземен пиштолот и се спречи трагедија . Надлежните и после ова останаа без конкретни мерки и решавање на случајот, велат тие.
На 8. јануари писмено се обратиле до сите надлежни институции во градов и државава да превземат конкретни мерки за да им се овозможи безбедност, а за кое не добиле ниту одговор, ниту се презеле некакви мерки.
-После се’, заканите и инцидентите не престанаа. Така пред неполн месец повторно го оштети нашиот бар, кршејќи стакла и дел од инвентарот, велат тие.
Ноќта на 23. Април 2014 (пред два дена), кога и беше главното рочиште од судењето за демолирањето на кафичот кое што горе го објаснавме лицето Г. А. нападна дел од персоналот на Голд, причинувајќи му телесни повреди на неколку лица од вработените. Откако тие пријавиле во полиција за настанот и не’ известија, Златко Нелковски – еден од сопствениците на ГОЛД веднаш се упати да ги однесе во ресенската амбуланта.
Откако пристигнавме во амбулантата таму се појавија Г. А. и неговите придружници, притоа во самите ходници на амбулантата, пред очите на медицинскиот персонал беа претепани Златко Нелковски и еден од веќе повредените, на кој во моментот веќе му се укажуваше лекарска помош.
И покрај сите овие работи напаѓачот е се’ уште на слобода.
Токму нашата цел е со ова обраќање до институциите и јавноста да се разбере ситуацијата како алармантна, бидејќи, безбедноста на нас како сопственици, персоналот, како и нашиот објект е страшно загрозена.
Нас истовремено не’ зачудува, што иако сите овие инциденти пријавени во ПС Ресен, ниту еднаш не излегле во дневниот полициски извештај на МВР кој се издава секој ден и е јавно достапен на сајтот на МВР.
Упатуваме апел до институциите најитно да превземат мерки со кои најстрого ќе го казнат ваквото насилничко однесување на Г. А. и неговите придружници кои сеат страв помеѓу граѓаните и не’ попречуваат нас нормално да си работиме, велат сопствениците на кафе барот во Ресен.