Пливачот- маратонец, Адам Вокер од Британија, смета дека делфините без сомнеж се најдобриот пријател на човекот. Имено додека го препливувал Куковиот премин на Нов Зеланд, тој здогледал како му се приближува ајкула долга два метри.
-Ја видов сосема јасно, беше на само два метри од мене-напиша тој на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Тогаш се случило чудо, бидејќи до него допливале десетина делфини, поради кои ајкулата избегала. Според пишувањето на британскиот весник „Мирор“ магичниот момент траел уште некое време, бидејќи делфините биле покрај него цел час.
Вокер учествувал во маратонот, кој е организиран во рамките на хуманитарната акција за собирање пари за спас на китови и делфини. Сличен настан на Нов Зеланд е забележан и во 2004 година, кога јато делфини заштитија четворица пливачи од голема бела ајкула.
Инаку делфините често ги напаѓаат ајкулите, особено кога ги штитат своите малечки.
Е. Г.