Лидерот на Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ, Стевчо Јакимовски, придружуван од кандидатите за пратеници во изборната единица 1, Татјана Стојановска-Иванова и Драгиша Милетиќ, последниот ден од кампањата за претстојните парламентарни избори го искористи за уште еднаш да се сретне со граѓаните на општина Карпош, на која тој е и градоначалник.
Жителите на Трнодол, зградите кај „Млечен ресторан“, на Влае и на Козле, како и на Бардовци и Злокуќани, му изразија сесрдна поддршка на претседателот на ГРОМ за претстојните избори, но поразговараа со својот општински татко и за некои локални проблеми.
– Во Карпош ќе се реализира сè што сме ветиле. Голем дел е веќе остварено, остануваат уште некои ситници кои на граѓаните ќе им обезбедат целосен комодитет. Тоа е нашата цел. Но, ако го споредите Карпош со другите општини во Македонија, ќе заклучите дека овде се живее навистина убаво. Има градови во Македонија во кои ако го напуштите централното подрачје, ќе газите кал. Е идејата на ГРОМ е Карпош да го пренесеме насекаде низ Македонија, за сите граѓани на оваа земја да живеат како што живеат карпошани. Затоа ни е потребна поддршката – порача Јакимовски.