Претставниците на земјите од Централна и Источна Европа и препорачаа на Русија да ги повлече своите војници од украинската граница, а на Украина и препорачаа децентрализација.
Ова е заклучокот на дводневниот Самит на Источното партнерство на ЕУ кој во Прага се одржа изминатите два дена, а го пренесе чешкиот претседател Милош Земан, јави дописникот на МИА.
Според Земан, договорено е на двете земји да им се понуди чешко посредство за заедничките состаноци и договори.
– Ние нудиме добра услуга, со цел да се изврши де-ескалација на конфликтот … Кога се преговара тогаш не се војува. Кога војната ќе почне, тогаш сите наши апели ќе станат голи зборови, рече Земан.
Исто така, е договорено, на Украина да и се препорача да започне да работи на децентрализација на земјата и да се посвети на демократски претседателски избори.
– Сите учесници изразија поддршка за слободни избори во Украина, како претседателски, кои треба да се одржат на 25 мај така и на останатите избори, изјави Земан.
Според европскиот комесар за проширување Штефан Филе, кој на Самитот присуствуваше како претставник на Унијата, кризата во Украина е една од најтешките од 1945 година.
– Сега е време да се покаже посилна и поодлучна посветеност на проектот Источно партнерство. Украина, нејзините граѓани и нивната слобода не смее да станат жртви на политички игри. Тое не е дел од политиката на 21.век, рече Филе.
Во проектот на Источното партнерство, во 2009 година за време на чешкото претседателство со ЕУ се приклучија Украина, Белорусија, Молдавија, Ерменија, Грузија и Азербејџан.
Целта на Програмата, е да се рашири соработката со ЕУ и со овие поранешни советски републики и да им понуди можност за политички и економски приближувања со Унијата.
На Самитот по повод петгодишнината од постоењето, во Прага присуствуваа претседателите на Словачка, Полска, Унгарија, Австрија и Литванија.