(ВИДЕО) Признание на Соколов: Јас му ги дадов документите на Диневски за „Шпион“

Од:

Лично му ги предадов документите на поранешниот контраразузнавач Александар Диневски да ги објави во јавноста. Тие документи се мои и јас ја преземам одговорноста – изјави Иван Соколов, кој денеска се појави како сведок на рочиштето во случајот „Шпион“, на барање на обвинетиот Диневски.

Тој смета дека притворот на Александар Диневски претставува политички реваншизам и монтиран процес на матичната ВМРО – ДПМНЕ кон поранешниот контраразузнавач. Наместо признание за неговите заслуги со кои придонел за партијата, вели Соколов, Диневски е обвинет дека е шпион и работи против интересите на државата.

– Се работи за документи кои се од моето лично досие и му ги предадов на почетокот на 2001 година и го замолив јавно да ги публикува. Тоа го направив и со други новинари кои не покажаа храброст да пишуваат за ова досие или да извадат дел од него. Сега е јасно како ден зошто новинарите ништо не сакаа да објават, бидејќи ќе завршат токму како Александар Диневски, изјави тој за А1он.

На Соколов не му е јасно како токму Диневски во 90- тите години работејќи како аналитичар во Службата за државна безбедност и се вклучил во создавањето и градењето на ВМРО – ДПМНЕ, денес се соочува со монтиран случај од неговата партија.

Според него, токму Диневски бил заслужен за откривање на многу афери кои силно одекнале во јавноста, а ВМРО – ДПМНЕ ги користела умешно за да успее да ја зграби власта.

– Диневски со неговите активности успеа да ја закрепне ВМРО – ДПМНЕ и да ја дигне на нозе, без притоа да биде обвинет од службите и МВР дека е шпион, денеска во моментите кога матичната партија е на власт, таа го обвинува за шпионски активности. Обвинителството е во заложништво, судиите се срамат од тоа што го прават, им се гледа на лицата – рече Соколов.

Поранешниот контраразузнавач Александар Диневски беше притворен во аферата „Шпион“ за злосторничко здружување, оддавање државна тајна и шпионажа. Како што вели Соколов, не се знае точно и конкретно за кои дела е обвинет.

 

Петар Клинчарски

Би можело да ве интересира

Хрватскиот шпион кој беше уапсен во Белград „заработи“ 30 дена притвор

Горан Наумовски

Во Србија уапсен хрватски шпион

Американски војник издавал тајни на Кинезите за војната во Украина и плановите за Тајван

БИА разоткри албанската шпионска мрежа во Србија

Српски офицер шпионирал за бугарската тајна служба

Кинезите осудија на доживотен затвор американски шпион, кој работел незабележано со децении