ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ најавува нов сет мерки во здравството

Од:

Секој човек што ќе дарува орган или коскена срцевина ќе биде доживотно слободен од плаќање партиципација и ќе биде изедначен со крводарителите, рече денеска директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева Змејкова, презентирајќи ги најновите проекти на ВМРО-ДПМНЕ во здравството.

Парнарџиева Змејкова на партиска прес-конференција го претстави сетот мерки кој освен на унапредување на трансплантацијата, се однесува и на поефикасна исплата на породилните надоместоци, боледувањата, новите електронски услуги и автоматски пријави во Фондот.

– Планирани се бесплатни медицински испитувања поврзани со трансплантацијата за оние лица кои сакаат да бидат потенцијални донори на орган или коскена срцевина. Државата ќе им ги покрие трошоците за партиципацијата. Преку национална кампања континуирано ќе ја подигнуваме јавната свест за значењето на трансплантацијата и дарителството. Активно ќе ги вклучиме во овој проект невладините организации и претставниците од сите верски заедници. Ќе постигнеме зголемен  број на органодарители, спасување поголем број животи, долгорочно лекување на болните и намалување на број на хоспитализации, посочи директорката.

Овие мерки, додаде, ќе го намалат бројот на пациентите за дијализа и ќе го подобрат квалитетот на нивниот живот.

– Дополнително, предвидуваме и унапредување на дијализата преку контрола на квалитетот од страна на Фондот. ФЗОМ ќе го мониторира овој процес преку специјализиран софтвер и теренска контрола. Планираме отварање пет регионални нефролошки пунктови во Македонија каде ќе работи високо специјализиран кадар, кој би имал за цел рано откривање на бубрежните заболувања, грижа за пациентите, постојана комуникација со матичните лекари, информира Парнарџиева Змејкова.

Најави и голема инвестиција во опрема, инфраструктура и кадар за трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител.

Во врска со поефикасната исплата на породилните надоместоци и боледувањата, Парнарџиева Змејкова рече дека се оди чекор напред.  Со новиот проект, по примерот на Словенија, ќе се исплатат надоместоците за боледувања и породилните отсуства преку фирмите во исто време со платите на вработените во фирмата, додека ФЗО ќе го компензира трошокот на работодавачот.

– Фирмата му го исплаќа надоместокот на вработениот, а Фондот на фирмата. Со овој проект ќе се обезбеди континуитет во приливот на средства на граѓаните во услови кога им се најпотребни во ист датум како и платата на нивните колеги. Ефекти од овој проект се задоволни идни родители, задоволни 30.000 граѓани на боледување, намалена администрација, навремена исплата на надоместоците, елиминирање на дискриминацијата во системот за различен период од исплата на платите и надоместоците по основ на платите (боледувања и породилни), нагласи директорката.

Електронски потврди за крводарители, електронски барања за сите боледувања, ослободувања од партиципација, медицинска рехабилитација, ортопедски помагала, укинување на хартиената здравствена книшка и на хартиениот рецепт и упат, автоматска достава на потврди за редовните студенти, автоматска пријава и одјава во здравствено осигурување, се само дел од новините со кои, како што рече Парнарџиева Змејкова, ќе се стави крај на гужвите и редиците во Фондот.

– Најавуваме и крај на редиците предизвикани од задолжителната пререгистрација на лицата со ниски примања и поврзување на Фондот со податоците за примањата со УЈП. Со оваа новина ќе се овозможи поедноставување на постапката за пререгистрацијата на 250.000 лицата со ниски примања односно истата ќе можат да ја вршат без да поднесуваат изјава за остварени приходи. Овие податоци ФЗОМ ќе ги добива од Управата за јавни приходи, истакна Парнарџиева Змејкова.

Со сите овие проекти, потенцира, ВМРО-ДПМНЕ сака активно да придонесе за подобро здравје на граѓаните.

– Овие проекти се разликата меѓу Владата на ВМРО-ДПМНЕ и претходните влади. Овие се конкретни проекти кои ќе ги оствариме, а граѓаните ќе ја препознаат разликата. Владата на ВМРО-ДПМНЕ прва почна, темелно и храбро, да спроведува конкретни реформи и инвестиции во здравството, сфера запоставувана со децении. Целта е подобрување и унапредување на здравствениот систем, како и обезбедување квалитетна здравствена услуга за сите граѓани, подвлече директорката на ФЗОМ Парнарџиева Змејкова.

Би можело да ве интересира

Набавката на електричните автобуси е задоцнета, имаше три години да се донесе ваква одлука вели Арсовска

Катерина Ѓуровски

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

Петрушевски: Бизнис интересот на СДС и ДУИ направи граѓаните да плаќаат поскапа струја

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Тренчевска: Кошничката е прескапа, ДПМНЕ да прифати 0% ДДВ на храна и минимална плата 450

СДСМ бара Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и понуди предлози за решавање на кризата во Скопје