(ВИДЕО) Цивил: Големи злоупотреби на државните ресурси, на службениците и на децата

Од:

Злоупотреба на државните ресурси за партиски цели, кога со службени автомобили партиските функционери ги завршуваат изборните агенди, поткуп, корупција и заплашувања на гласачи, на една адреса додавани повеќе семејства, фантомски гласачи во непостоечки влезови и станови, најмногу во општина Кисела Вода, неможност на граѓаните да се најдат во избирачкиот список, делење на лични карти, разместување на изборните места – ова се само дел од нерегуларностите што ги откриле набљудувачите на невладината Цивил на првиот круг претседателски избори и во текот на предизборната кампања.

Набљудувачите на Цивил имаат 211 извештаи од нивните набљудувачи од деновите по првиот изборен круг, а дури 95 извештаи за нерегуларности на самиот изборен ден. Цивил регистрирале и 84 директни јавувања за нерегуларности од граѓани.

– Вкупно во три згради во Кисела Вода се додадени влезови во зградите, кои постојат во избирачкиот список, а ги нема на теренот. Таква е ситуацијата со згради на улиците Пушкинова и Михаил Чаков. Постојат и фантомски семејства кои се водат на извесни адреси во Кисела Вода, а не живеат таму – во еден од овие станови живее четворочлено семејство, но во избирачкиот список заведени се како седуммина. Жителите веќе изјавија дека првпат слушаат дека и друго семејство е впишано во избирачкиот список дека живее во нивниот стан, рече Мери Јордановска, набљудувач на Цивил.

Кога Цивил се обратил до институците за нерегуларностите што ги нотирале, тие одговориле дека се ненадлежни или дека неправилностите се направени во друго време.

„Се обративме и ние, а веруваме и други релевантни организации до ДИК, а новинарите се обратија со прашања и до МВР. Добивме одговори дека не се компетентни или ја лоцираа одговорноста на други места“ , велат од Цивил.

Невладината упати јавен повик до Државната изборна комисија, до МВР и до другите институции да дадат одговор што се случува со изборниот процес.

-Избирачкиот список е сериозен проблем. Фантомски гласачи, непостоечки влезови и станови во згради или цели згради, починати лица, разместени гласачи, се дел од проблемите со кои се соочуваат гласачите во Македонија, рече Џабир Дерала од невладината Цивил.

Според Дерала во предизборната кампања се злупотребуваат вработените во администрацијата кои наместо да ја работат својата работа, ги исполнуваат партиските агенди во борбата за власт

-Институциите се партизирани во потполност и се злоупотребуваат за партиски цели. Човечките и материјалните ресурси во целост се ставени во функција на политичките кампањи во изборниот процес. Административците работат во полза на партиската кампања, а не според описот на нивните работни задачи. Лица со договор за дело прават списоци и не само тие, вели Дерала.

Тој нагласи дека регистрирани се и злоупотреби на децата во предизборната кампања, на медиумите и на социјалните мрежи.

Вториот круг од претседателските избори и на денот на вонредните парламентарни избори Цивил ќе го следи со 116 набљудувачи. Граѓаните ќе можат да пријавуваат нерегуларности на веб-страницата Слободни избори и на телефонските броеви што се наведени на страницата.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар