Анализа: Донбас и е потребен на Украина, но е многу важен и за Русија

Од:

Реонот на Донбас, во источна Украина е мал по површина, но со своите резерви на јаглен, а особено со индустриските капацитети кои се таму лоцирани, им е потребен и на Киев и на Москва, објаснуваат аналитичарите на европскиот институт во Берлин.

Донбас е „срцето“ на украинската индустрија, пред се, со јагленокопите кои се простираат до Русија. Тие се четврти по големина во Европа и располагаат со резерви од околу 10 милијарди тони. Овој реон, сместен околу градот Донецк, зафаќа пет отсто од површината на Украина. Таму живеат десет отсто од населението во земјата, се создава 20 отсто од украинскиот БНП и се обезбедува една четвртина од извозот.

Гувернерот на Донецк, Сергеј Тарути тврди дека таквото значење на Донбас е пренасилено, затоа што реонот се одржува со помош на субвенции од државата. Странски независни експерти сметаат дека рудниците за јаглен се непрофитни уште од средината на осумдесетите години на 20 век, па од тогаш вештачки се одржуваат, исклучиво од социјални причини и за обезбедување социјален мир.

За Москва, Донбас претставува врска со советското минато, кога овој дел на некогашниот Советски Сојуз беше центар на советската тешка индустрија и пример за социјалистичкиот развој, што како пропаганда, му се продаваше на светот, уште од времето на Сталин.

Но, за денешна Русија, Донбас од поодамна не е само тоа, затоа што во тој дел на сега независна Украина, се наоѓаат фирмите кои обезбедуваат суровини и производи за руската воена индустрија.

Тоа го објаснува острото руско реагирање на смената на прорускиот украински претседател Виктор Јанукович и на доаѓањето на власт во Киев на политичари кои сакаат да ги раскинат специјалните украинско-руски врски од минатото и од последните дваесетина години.

Според германските проценки, Русија би можела да го анектира и овој дел од источна Украон, како и Крим, без разлика што во него едвај една третина од населението се Руси. Сепак, впечаток е дека Москва тоа нема да го направи за потоа постојано го одржува реонот во живот на тој начин што секоја година ќе префрла милијарди долари како донации, туку само затоа што тој е витален за нејзината вселенска и воена индустрија.

Дури 12 видови од руските балистички интерконтинентални ракети се произведуваат во Дњепропетровск, заедно со потребните резервни делови и одржувањето.

Во Донбас се произведува специјалниот челик за руските тенкови, а добар дел од руските воени хеликоптери, летаат со моторите што се изработуваат во фабриките во Запорожје.

Сето тоа го прави овој дел од укринската територија важен за извозот на воена и вселенска опрема. Но. ако Русија е поврзана и зависна од Донбас, тогаш индустријата на Украина уште повеќе зависи од Москва, затоа што целото производство, производните системи и целата опрема, се изработуваат специјално за руски потреби, според руските стандарди и тие никаде не може да се извезуваат, освен во Русија.

Дури и да е точно дека целиот реон живее од државните субвенции, за Владата во Киев тој е исклучително важен, бидејќи обебзедува голем процент од извозот на земјата, што е посебно значајно во сегашните економско-финансиски услови, кога Украина е пред банкрот.

Германските експерти проценуваат дека доколку во еден ваков реон, каков што е Донбас, се развие силно сепаратистичко движење, тогаш може да се случи Киев целосно да пропадне на меѓународниот пазар на капитал.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Блиска средба: Ф-16 испратен да пресретне руски Су-35 на Алјаска

(ВИДЕО) Гранатирана е зграда на СБУ во која имало офицери на НАТО, досега се потврдени 15 починати странци

Песков: Неопходни се корекции на нуклеарната политика поради ескалацијата на тензиите

Руската воздушна одбрана синоќа уништи 125 украински беспилотни летала

Северна Кореја: Американската помош за Украина е „неверојатна грешка и луд чин“

Горан Наумовски

Лавров го предупреди Западот да не се бори до победа со нуклеарна сила

Горан Наумовски