ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со подобрување на условите за водење бизнис и бизнис климата во Македонија, како и со намалување на административните процедури заради постигнување на една од стратегиските приоритети и цели, од Програмата 2014-2018 година, подобрување на стандардот на граѓаните и фирмите.
Ова го најави директорот на Централниот регистар на Република Македонија Ванчо Костадиновски на денешната партиска прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
– Граѓаните и бизнис заедницата знаат да направат разлика и да одат на проверено, не заради светските признанија на Република Македонија кои се признание и на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, туку заради сигурноста и довербата стекната од користите кои ги имаат од проектите досега реализирани според ветеното, потенцира Костадиновски.
Тој посочи дека главната разлика е што сега Македонија е на врвот во Европа и светот за започнување на бизнис, а во времето на СДСМ беше на дното според Дуинг Бизнис извештајот на Светска Банка.
– Граѓанинот или фирмата е во фокусот на Програмата на ВМРО-ДПМНЕ затоа што знае да разликува. На пример, разлика од регистрација на фирма за 4 часа без никакви трошоци или регистрација на фирма за 40 денови и 500 евра, разлика од добивање на Тековна состојба во реално време или добивање на извод од регистрација за месец дена, разлика од поднесување на Годишни сметки од компјутер од било каде или редици пред шалтери, разлика од добивање на бонитет за фирма од било каде во реално време или добивање на бонитет за месец дена, рече Костадиновски.
Подобрувањето на бизнис климата и на условите за водење бизнис, посочи, ќе се реализираат преку повеќе проекти што ќе се спроведат преку Централниот регистар на Република Македонија.
– Проектот за целосна имплементација на мерките за регистрационен агент, каде во еден чекор преку сметководителите – регистрациони агенти или лично поднесена пријава со електронски потпис на подносителот, се поднесува документација за регистрирање на фирма без никаков надомест. Поднесената пријава се одобрува и се издава решение за регистрирана фирма во електронска форма. По издавање на Решението фирмата нема обврска да набави печат за задолжителна и официјална употреба во правниот промет ниту при обраќање на фирмите кон Државните институции со што се скратува уште една процедура и трошоци за отпочнување бизнис, појасни Костадиновски.
Со ова, нагласи, Република Македонија ќе се вклучи во најсовремените пракси од оваа област во ЕУ и Англоамериканското подрачје. Финансиски ефекти од сетот мерки се 18.000.000 денари годишно целосно на располагање на новооснованите фирми.
– Проектот за воведување на регистрационен агент за целосно онлајн поднесување на документи за регистрација на промени во фирмите, статусни промени и бришење на фирмите. Суштината на проектот е да се намали административниот товар на странките и да се исфрли хартијата за ваков вид на постапки во Едношалтерскиот систем на ЦРМ, намалување на трошоците и за странките и за ЦРМ, штедење на време и забрзани постапки и поголема ефикасност во одлучувањето, рече Костадиновски.
За проектот за воспоставување на бесплатен пристап, преку веб страната и преку мобилна апликација, на основни податоци за фирми ( ЕМБС, Назив и статус) рече дека целта му е да се зголеми користењето на податоците преку овој систем и можност за добивање на повеќе информации во врска со достапните електронски услуги кои ги нуди ЦРМ.
– Со проектот за Надградба на системот за електронски стечај, преку целосна имплементација на модулот е-Аукција, ќе се овозможат електронски аукции за продажба на имотот од стечајната маса на правните субјекти во стечај. На тој начин ќе се намалат времетраењето на стечајната постапка и трошоците за нејзино спроведување, а ќе се зголеми повратот на средствата на доверителите кон претпријатието. Преку развивање на вториот модул, ќе се овозможи праведна распределба на предметите за стечај на стечајните управници согласно со последните измени на Законот за стечај, појасни Костадиновски.
Надградбата на системот за електронско водење стечајни постапки, потенцира, ќе придонесе за поефикасно и транспарентно водење на стечајните постапки.
– Придобивките од овој проект се ефикасна и транспарентна продажба на имотот од стечајната маса со електронско наддавање, праведен избор на назначувањето на стечајните управници без можност за човечко влијание во изборот и рамномерна распределба на стечајните постапки, рече Костадиновски.
Напомена и низа други проекти што ќе овозможат квалтетна бизнис клима и подобрии услови за започнување, водење и затворање на бизнис.