Околу 12 милиони жители на Авганистан со право на глас, утре ќе избираат нов претседател на државата меѓу 11 предложени кандидати.
Аналитичарите проценуваат дека на овие трети претседателски избори во Авганистан од уривањето на талибанскиот режим, најголеми шанси за победа имаат лидерот на опозицијата и поранешен министер за надворешни работи Абдула Абдула, некогашниот лидер на муџахедините Абдул Расул Сајаф и долгогодишниот соработник на актуелниот авганистански претседател Хамид Карзаи и екс-шеф на дипломатијата Залмај Расул.
Карзаи согласно Уставот нема право на трет претседателски мандат, па по овие избори функцијата ќе му ја препушти на неговиот наследник, кој ќе има тешка задача да се справи со бунтовниците и да ја засили безбедноста во земјата. Оваа задача ќе му биде отежната имајќи предвид дека силите на НАТО ќе ја напуштат земјата до крајот на годината, бидејќи Карзаи одби да го потпише договорот со САД со кој ќе се овозможеше останување на дел од американските војници во земјата.
Поради ова, новиот претседател ќе биде принуден да се потпира само на сопствената полиција и армија во спроведувањето со талибанските бунтовници, што нема да биде ни малку лесна задача.
Аналитичарите проценуваат дека во утрешниот прв круг ниту еден од кандидатите нема да освои повеќе од 50 отсто од гласовите, поради што ќе мора да се оддржи и втор круг, кој ќе биде спроведен дури по пребројувањето на сите гласачки ливчиња, односно некаде кон средината на мај, поради што можно е целиот изборен процес да се одолговлече до јули или август. Мандатот на Карзаи истекува во мај.
Талибанците овие избори веќе ги прогласија за „губење време“ и ги повикаа „верниците“ да не учествуваат во изборниот процес. Минатата година талибанските бунтовници ликвидираа член на избирачка комисија и тоа веднаш го објавија на Твитер упатувајќи на тој начин закани и до другите претставници на изборните органи.