Фудбалерите на Атлетико Мадрид го освија Суперкупот на Европа, откако забележаа убедлива победа над Челзи со 4:1.
Освојувачот на Лига Европа во минатата сезона до победата во Суперкупот го предводеше трикратниот стрелец Радамел Фалкао. Колумбискиот репрезентативец трите погодоци ги постигна во првото полувреме, кога Атлетико целосно доминираше на теренот.
Тренерот на „јорганџиите“, Диего Симеоне, одлично ја постави играта, неговите играчи ги затворија сите приоди кон голот на Куртоа, не дозволувајќи му на противникот да создаде ниту една шанса за гол.
Во првиот дел покрај трите погодоци, Атлетико можеше да постигне уште најмалку два гола.
По еден час игра Миранда го постигна четвртиот гол за својот тим, а Гери Кејхил само го ублажи поразот на актуелниот европски првак. Атлетико ја освои втората титула во Суперкупот, кој за последен пат се играше во Монако, следната година домаќин ќе биде Прага.