71-годишен израелски бизнисмен Гидеон Сандел, кој беше пријавен за исчезнат, е пронајден мртов на Матка.
Според израелските медиуми долга и напорна била акцијата за пронаоѓање.
Според извештајот, 71-годишниот бизнисмен паднал од карпа во бездна длабока 60 метри, додека пешачел сам на Матка. Телото е извлечено со хеликоптер на МВР.
Од МВР потврдуваат дека се работи за 71-годишниот Израелец Сандел Гидеон, кој во Скопје отседнал во хотелот „Мрамор“ на 23 август.
Според наводите на медиумите во Израел, семејството на Израелецот се обратило до израелска компанија за пронаоѓање и спасување луѓе, сопственост на Хилик Магнус да помогне во потрагата.
„Првичните информации не беа воопшто охрабрувачки. Во изминативе неколку дена ние бевме во постојан контакт со неговото семејство. Ова е трет случај што се случува во тој регион од Македонија. Локалниот спасувачки тим заврши одлична работа, тие се многу добро обучени. Ние сме ги виделе и претходно да работат на слични вакви случаи“, изјави Хилик Магнус, сопственик за агенција за спасување.
Кој е Гидеон Сандел?
Израелскиот бизнисмен беше осуден на две и пол години затвор за измама со кредитни картички во Македонија, во судскиот процес кој траеше десет години, акој почна во 1998. година.
Беше осуден, а го доби судскиот спор во Европскиот суд за човекови права, за судење во неразумен рок.
Долгиот процес против него се објаснуваше со неможноста да се најде преведувач од хебрејки на македонски јазик.
Сандел бараше отштета од 10.000 евра и ја тужеше државата поради долгиот судски спор. Судот во Стразбур кажа дека има кршење на човековите права и му досуди 1.600 евра отштета.
Сандел во државава беше екстрадиран во 2008.година од Србија, поради отслужување на казната за измама со кредитни картички во вредност од 35.000 евра. Тој беше сопственик на фирмата „Санд трејд“ преку која имаше здеки во Македонија.
Првично беше осуден во 1998. година,но по неколку месеци во „Шутка“ излезе на слобода. Извесен период се појавуваше на сите рочишта , а потоа исчезна од државава. Во 2008. година беше екстрадиран од Србија.
Сандел има учествувано и во три војни, како припадник на специјаланата падобранска единица на израелската војска.