„Стилјан Самарџиев, Македонец роден во Солун, бил приведен од грчката полиција, поради поставување на македонското знаме со шеснаесет-зрачното сонце на црвена основа врз централното седиште на Полицијата во Солун“, соопшти Светскиот Македонски Конгрес.
24-годишниот Стилјан Самарџиев, Македонец роден во Солун, кој живее во Крушоради, село близу до Овчарани, е активист за македонските работи во Егејскиот дел на Македонија.
Според СМК тој од 1 до 11 август бил задржан во притвор во полициската станица во Лерин, затоа што на 1 август 2012 година во раните утрински часови го поставил семакедонското знаме со шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа врз централното седиште на полицијата во Солун.
„Поради тоа што поставил коментари на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук, дека на 16 август 2012 година повторно ќе излезе со семакедонското знаме на сегрчката антимакедонска иселеничка средба во Солун која се одржувала во знак на 100 годишнината од “обединувањето“ (читај: окупацијата) на Македонија со (читај: од) Грција во Балканските војни 1912-1913 година, повторно е задржан во притвор на приватна локација од страна на грчката тајна полиција од 16 до 24 август 2012 година. Денес е пуштен на слобода“, соопшти СМК.
Светскиот Македонски Конгрес нагласува дека пласираните информации во грчките медиуми дека Стилјан бил приведен поради дрога се лажни.
Од СМК претпоставуваат дека полицијата после притворот ќе поднесе кривична пријава, а се очекува и судска разврска на делото.