Српскиот премиер Ивица Дачиќ му пренесе денеска во Лондон на шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг дека Србија очекува што побрзо датум за отпочнување преговори со ЕУ и јасно дефинирани услови, јави Танјуг.
– Кон Србија не треба да се води политика на „придвижни цели“. Тоа значи дека ако трчаме маратон мораме јасно да знаеме која е последната делница, а не пред самата цел да ни се каже дека мораме да трчаме уште пет или десет километри, изјави Дачиќ по средбата со Хејг.
Србија, според него, не треба да носи одлуки и да решава проблеми за кои ќе „дознае во последните пет минути“.
Дачиќ на Хејг му го изнел јасниот став на новата српска Влада дека ќе остане на европскиот пат.
– Сакаме Србија што побрзо да добие датум за преговори, а Хејг ми пренесе дека Велика Британија е посветена и го поддржува европскиот пат на Србија, дека сите земји во регионот треба да бидат на тој пат и оти Лондон секогаш ќе го поддржува тоа определување. Во меѓународните односи треба да се бараат заедничките интереси, а не меѓусебни симпатии, додаде Дачиќ.
Дачиќ му го пренел ставот на Хејг дека новата српска Влада ќе инсистира на строго почитување на сите договори со Приштина.