Голем шумски пожар се приближил на само три километри од манастирот Хиландар. Грчкиот премиер Андонис Самарас прогласи вонредна состојба на Света Гора.
Ветерот во текот на ноќта го променил правецот и повеќе не дува кон манастирот, кој засега не е загрозен, а дали ќе остане така зависи од ветрот, велат претставници на противпожарната служба.
Околу педесетина пожарникари во текот на целиот вчерашен ден и вечерта со помош на шумари и монаси го расчистуваат теренот за да направат две линии на одбрана од пожарот во близина на Хиландар.
Грчкото Министерство за одбрана доставило воздушни и копнени средства, како и 309 војници за гаснење на огнот, што беснее од средата.
По наредба на министерот за одбрана на Грција во помош на пожарникарите се испратени 14 авиони и два хеликоптери, 21 офицери од армијата, 300 војници од копнените сили и авијацијата и над 40 камиони, цистерни и друга техника.
Властите во Северна Грција се во состојба на готовност и ги мобилизирале сите присутни оперативни сили.