Епископот бачки Иринеј изјави денеска дека Црквата сноси одговорност за трагедијата во Центарот за одвикнување од болести на зависности во Јадранска Лешница и оти на протоерејот Бранислав Перановиќ не смеело да му се овозможи да ја отвори установата, по инцидентот во Центарот Црна Река.
Перановиќ е осомничен дека со удар со шипка во пределот на главата усмртил штитеник на центарот „Сретење“ во Јадранска Лешница, поради што е лишен од слобода и му е одредена мерка притвор од 48 часа.
Епископот бачки Иринеј рече дека Црковниот суд за жал не е ниту покренат против Перановиќ по првиот инцидент, во кој Перановиќ учествувал во центарот Црна река, иако Синодот тоа го барал, а оти по каноните на Црквата свештено лице кое применува насилство се лишува од чинот, јави Танјуг.
– Сметам дека посредно сите ние сносиме одговорност во црквата затоа што не сфативме доволно сериозно што се може еден неурамнотежен човек да стори, рече епископот бачки Иринеј и додаде оти на Перановиќ не смеело да му се дозволи да основа установа од таков вид.
Тој истакна дека Синодот нема власт врз локалните епископи.
Штитеникот на Центарот за лекување на болестите на зависности од дрога „Сретење“ Небојша Зарубац (39) е пронајден мртов во помошната куќа во Јадранска Лешница во општина Лозница, чиј сопственик е протоереј Бранислав Перановиќ (54), управник на центарот.