Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Тирана: Граѓаните бараат оставка од Рама

Од:

Денес во Тирана, главниот град на Албанија, избија судири меѓу полицијата и демонстрантите, за време на најновиот протест од низата антивладини демонстрации.

Илјадници граѓани повторно излегоа на улиците, барајќи оставка од премиерот Еди Рама.

Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги потисне демонстрантите, кои фрлаа камења и дрвени стапови кон полицајците, а истовремено кршеа улични камери за надзор и прозорци на владините згради.

Демонстрантите пристигнаа во Тирана од целата земја, како и од странство. Демонстрациите се одржуваат на 114-годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија, што се одбележува како национален празник.

Полицијата беше распоредена долж главните патишта што водат кон главниот град, каде што вршеше проверки на возилата.

Еден од демонстрантите – 33-годишник кој допатувал од Обединетото Кралство за да учествува – истакна дека политичките партии што постојат во Албанија уште од падот на комунизмот во 1990 година, веќе никого не претставуваат.

„Тие треба да отстапат место за нова генерација интелектуалци и поединци кои ќе имаат поголема улога во иднината на земјата“, рече тој. Денешниот протест е дел од низата демонстрации што започнаа кон крајот на мај, првично поттикнати од противењето на изградбата на луксузен туристички комплекс на јужниот албански брег – проект поврзан со инвестициска фирма основана од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Протестите станаа познати како „Движење Фламинго“, именувано според птиците за кои демонстрантите тврдат дека би биле загрозени со реализацијата на проектот.

Во септември следеа студентски протести, од кои многу беа проследени со насилство. Студентите бараа поквалитетно образование и подобар животен стандард; во меѓувреме, на листата барања на демонстрантите се додаде и оставката на премиерот Рама.

Демонстрантите извикуваа „Оставка!“ додека се собираа на централниот градски плоштад „Скендербег“.

Учесници од различни генерации изразија надеж за промена на постоечкиот политички систем и за ставање крај на корупцијата.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Демонстранти во Тирана се обидоа да упаднат во Парламентот

Демонстрантите фрлаа молотови коктели во Тирана

(ВИДЕО) Деветти ден протести во Тирана, студентите повторно го одбија повикот за дијалог на Рама

Рама се закани: Ќе ги најдеме маскираните демонстранти, ќе ја платат штетата

Рама вети зголемување на платите и награди за полицајците на „првата линија“

А1он

Рама: Нема да поднесам оставка, „странска рака“ е организатор на протестите