Политичката партија „Движење ЗНАМ за наша Македонија“ вечерва во Скопје ја одржа основачката конференција на клубот на жени. На конференцијата за претседател на клубот на жени едногласно е избрана Александра Јелиќ, но и координативно тело составено од 18 членови.
Претседателот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски, во изјава за медиумите пред почетокот, порача дека формирањето на Клубот на жени е значаен чекор во јакнењето на политичката организација, но и јасна порака за местото и улогата на жените во ЗНАМ.
– Жените заслужуваат свое место. Жените од ЗНАМ се истрајни, упорни и посветени. Тие се исти како секоја мајка, жена, девојка и баба во секое македонско семејство. И токму водејќи се од тие постулати, заедно ќе продолжиме да работиме во интерес на граѓаните на Македонија, бидејќи Македонија заслужува да биде просперитетно место за живеење, а кој друг ако не токму дамите или мајките можат тоа да го направат најдобро за сите нас – изјави Димитриевски.

Тој нагласи дека Клубот на жени не го гледаат како формална организациска структура, туку како силен политички двигател, кој ќе даде нова енергија на движењето и ќе биде глас на жените во општеството.
Од партијата порачуваат дека формирањето на Клубот на жени е дел од активностите предвидени со Акцискиот план на Движењето ЗНАМ за 2026 година и претставува јасна определба за создавање силна, организирана и активна структура, во која жените ќе имаат значајна улога во креирањето на политиките, носењето одлуки и обликувањето на политичките процеси.
Јелиќ, во своето обраќање порача дека пред себе гледа жени со огромен потенцијал, кои не сакаат да бидат набљудувачи на иднината, туку нејзини креатори.
– Верувам дека од овој состав ќе произлезат нови лидерки, нови идеи и нова енергија. Нашата порака е јасна: не бараме простор за да бидеме слушнати, туку преземаме одговорност за да направиме промена. ЗНАМ дека можеме повеќе, ЗНАМ дека можеме заедно и ЗНАМ дека жените имаат сила да ја менуваат Македонија – изјави Јелиќ.
На конференцијата, која се одржа во хотелот „Холидеј Ин“, присуствуваа повеќе од 400 делегати, членки на партијата, како и претставници на ЗНАМ во извршната и законодавната власт, меѓу кои министерот за јавна администрација Горан Минчев, пратеници и други партиски функционери.
