Романскиот претседател Никушор Дан изјави дека постои начелен договор за нов заем за Украина во вредност од 45 милијарди евра, кој Романија ќе го поддржи. Истовремено, тој оцени дека Русија во моментов ниту е подготвена за мир, ниту пак го посакува тоа.
Дан појасни дека станува збор за заем што ќе го земе Европската унија, а не за средства што земјите-членки би ги издвоиле директно од сопствените национални буџети, пренесува Digi24.
„Сметам дека ова е разумно решение, со оглед на тоа што нашата безбедност – безбедноста на сите нас – зависи од војната во Украина“, рече Дан.
Тој потсети дека Романија претходно поддржа заем за Украина во износ од 90 милијарди евра, наменет за покривање на двогодишен период.
Осврнувајќи се на можноста за постигнување мировен договор, романскиот претседател повтори дека, според него, Москва во моментов не е заинтересирана за ставање крај на конфликтот.
„Добро е што постојат напори за мир, но, како што имам кажано многу пати, не верувам дека Русија во моментов е подготвена за мир или дека го сака тоа. Затоа е важно да продолжиме да ѝ даваме поддршка на Украина и да разговараме за нов, 22-ри пакет санкции, со цел да се изврши притисок“, изјави Дан.
