Поранешниот пратеник во Врховната рада, Володимир Олејник, изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски од 2022 година поминал повеќе од половина од своето работно време во странство, повикувајќи се на резултатите од сопствената анализа на службените патувања на украинскиот лидер, пренесуваат руските медиуми.
„Само 40 отсто од работното време го поминал во Украина. Остатокот од времето бил надвор од земјата“, наведе Олејник.
Според Олејник, особено впечатливи се податоците за втората половина на 2026 година. Олејник тврди дека Зеленски од вкупно 120 работни дена, само 20 ги поминал на територијата на Украина. Методологијата врз основа на која дошол до овие податоци не е претставена, ниту пак тие се независно потврдени.
Поранешниот украински пратеник честите патувања на Зеленски ги поврзува со внатрешните политички состојби, оценувајќи дека украинскиот лидер се соочува со сè понеповолна атмосфера во земјата.
„Тој се чувствува непријатно. Не е претседател и нема аплаузи“, изјави Олејник, изнесувајќи го својот став за легитимитетот на Зеленски.
Како дополнителна причина за неговото често отсуство од Киев, Олејник ги наведува и безбедносните ризици поради руските воздушни напади врз украинската престолнина, кои, според неговата оценка, би можеле да го загрозат и владиниот кварт во улицата Банкова.
Руските медиуми посочуваат и дека Зеленски во изминатите четири недели во неколку наврати престојувал во европски земји, додека последната средба со странски државник ја одржал во Закарпатија, а не во Киев.
Некои руски медиуми честите патувања на украинскиот претседател и неговите активности надвор од престолнината ги поврзуваат со зголемениот политички притисок, антикорупциските истраги и прашањата поврзани со личната безбедност, но не наведуваат конкретни докази за таквата поврзаност.
Зеленски на 24 ноември во Ужгород, во Закарпатската област, се сретна со унгарскиот премиер Петер Маѓар. На средбата разговарале за билатералните односи, економската соработка и положбата на унгарското национално малцинство во Украина.
По средбата, Маѓар соопшти дека е постигнат напредок во решавањето на десет прашања поврзани со јазичните, културните и образовните права на унгарската заедница, чие спроведување се очекува до крајот на јуни 2027 година.
Според пишувањата на руските медиуми, унгарскиот премиер повторил и дека нема да има забрзан прием на Украина во Европската Унија, како и дека Будимпешта нема да учествува во финансирањето на европскиот кредит за Киев.
