Украина за првпат собори руско беспилотно летало од типот „Геран“ (Geran), опремено со млазен мотор, користејќи борбен ласер.
Ова го објави Серхиј Бескрестнов, познат под прекарот „Флеш“ (Flash), советник на украинскиот претседател за радио-технологии.
Според него, беспилотното летало e погодено од ласерскиот систем за противвоздушна одбрана „Блиск“ (Blysk), развиен од украинската компанија „Кармајн Скај“ (Carmine Sky). Во моментот на нападот, системот штител еден од објектите на критичната инфраструктура.
Бескрестнов тврди дека ова е првиот потврден случај во кој руско беспилотно летало „Геран“ со млазен мотор е соборено со помош на борбен ласер.
Ласерскиот систем „Блиск“ е развиен за одбрана од беспилотни летала. Наместо класичен проектил, тој користи насочен ласерски зрак за да ја погоди целта.
Во последните години, Украина развива различни системи за борба против руските беспилотни летала, а ласерската одбрана е една од технологиите што моментално се тестираат.
„Неколку компании во Украина работат на развој на ласери за противвоздушна одбрана. Ласерските технологии се многу сложени и скапи, па затоа е убаво кога некој има добри вести. Во овој момент, прерано е да се зборува за масовно производство на ласери. Тестирањата се во тек, а за време на нив ласерите штитат објекти од критичната инфраструктура“, изјави Бескрестнов.
Тој нагласи дека развојот на ласерските системи продолжува и дека неколку украински компании веќе ги тестираат во реални услови.
