Музејот за ликовни уметности во Бостон подготвува голема изложба посветена на музичката ѕвезда Тејлор Свифт, на која посетителите ќе имаат можност одблизу да видат повеќе од 50 костими, музички инструменти и лични предмети од нејзината кариера.
Изложбата, насловена „Taylor Swift: The Eras Collection“, ќе биде отворена од 10 април до 15 август 2027 година. Таа ќе опфати две децении од музичкото творештво на пејачката, претставени преку 12 тематски целини, од кои секоја ќе одговара на еден нејзин музички период.
Особено внимание ќе привлечат костимите што Свифт ги носеше за време на светската турнеја „The Eras Tour“, која се одржуваше во периодот од 2023 до 2024 година. Меѓу предметите ќе биде и црвениот фустан на дизајнерката Алберта Ферети, кој го носеше за време на настапите со песните од албумите „Folklore“ и „Evermore“.
Посетителите ќе можат да го видат и светкавиот костим на дизајнерот Зухаир Мурад, како и впечатливата јакна со реси што ја носеше за време на финалето на настапите со песната „Karma“.
Изложбата нема да биде посветена само на модата. Ќе бидат претставени и неколку музички инструменти поврзани со нејзините настапи и музички спотови, меѓу кои гитари, мандолина и дел од пијаното што го користеше за време на изведбата на песната „Lover“ на доделувањето на Американските музички награди во 2019 година.
Интересно е што ова ќе биде првата изложба во историјата на Музејот за ликовни уметности во Бостон посветена на еден музичар. Организаторите најавуваат дека посетителите ќе можат да ја запознаат креативноста на Свифт преку музиката, сценските настапи, модата и визуелното раскажување.
Изложбата ќе биде поставена исклучиво во овој музеј, а билетите за пошироката јавност ќе бидат пуштени во продажба на 13 декември 2026 година.
