„Не брзај, некој те чека дома“ – 132 пораки од прилепските ученици за жртвите во сообраќајот

Од:

Под мотото „Не брзај, некој те чека дома“, Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во Прилеп, заедно со ученици од основните училишта, на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ го одбележа Светскиот ден на жртвите во сообраќајни несреќи.

Преку 132 пораки, изработени од исто толку ученици, беше испратен силен апел до сите учесници во сообраќајот за поголема внимателност, почитување на сообраќајните правила и одговорно однесување зад воланот. Бројот на пораките ја симболизира бројката од 132 загинати лица во сообраќајни несреќи во Македонија во текот на минатата година.

Претседателот на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Игор Неделкоски, истакна дека целта на активноста е подигнување на јавната свест и сообраќајната култура.

Тој упати апел до возачите да не управуваат возила под дејство на алкохол, да ја намалат брзината и да бидат одговорни учесници во сообраќајот.

-Бројот 132 не е само статистичка бројка, туку е број на жртви, број на загинати во сообраќајни несреќи во минатата година во Македонија. Точно 132 деца од основните училишта во Прилеп изработија 132 пораки со кои се упатува апел до возачите и до учесниците во сообраќајот за да се зголеми безбедноста во сообраќајот на патиштата, односно, да се зголеми сообраќајната култура. Овие 132 пораки означуваат 132 жртви во сообраќајните несреќи – изјави Неделкоски.

Според изнесените податоци, годинава во Прилеп животот го загубиле две лица во сообраќајни несреќи, наспроти деветте жртви регистрирани минатата година. Забележани се и 63 сообраќајни несреќи помалку во споредба со истиот период лани.

– Тоа значи дека се зголемува сообраќајната култура, но може да биде и подобро. Пораките на децата се со јасна симболика. Ако децата се нашето најскапоцено богатство, тогаш ние, како учесници во сообраќајот, треба да им овозможиме безбедна сегашност. Апелот до сите возачи е да бидат одговорни, да не управуваат со возило под дејство на алкохол, да ја намалат брзината, рече Неделкоски.

Поддршка на превентивните активности даде и Виолета Ржаникоска Секулоска, професорка во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, која нагласи дека секоја ваква иницијатива придонесува за подигнување на свеста и подобрување на безбедноста во сообраќајот.

-Секоја превентивна активност има резултати. Тоа го покажуваат бројките кои се намалуваат. Ние, како Сообраќајна училишна единица, заедно со Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата сме тука за да ги поддржиме овие превентивни активности – рече Ржаникоска Секулоска.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, посочи дека почитувањето на сообраќајните правила и воведувањето на системот „Сејф сити“ придонесуваат за намалување на бројот на жртви. Тој најави дека се очекува системот во 2027 година да започне да се применува и на територијата на Општина Прилеп, а позитивни резултати, според него, даваат и поставените забавувачи на брзината, познати како „легнати полицајци“.

– Пораката што ја испраќаме е дека почитувањето на нормите и правилата во сообраќајот значат многу. Помалку жртви во сообраќајот. Лани во Македонија беа 132 жртви. Иако е намален во споредба со 2024 година, сепак не е доволно. За намалувањето сметам дека придонесе и воспоставувањето на системнот „Сејф сити“ и очекуваме во наредната 2027 година да се воспостави и на територијата на општина Прилеп. Инаку, во градот даваат добри резултати и поставените таканаречени „легнати полицајци“ низ градот, рече прилепскиот градоначалник.

Кампањата за безбедност во сообраќајот се реализира од 15 до 22 ноември, со цел да потсети дека зад секоја статистика стои човечки живот и семејство кое чека некој безбедно да се врати дома.

Би можело да ве интересира

Бројот на жртви во војната во Иран достигна 3.375

145 жртви за 15 години – МВР бара координирана акција за побезбедни патишта

Горан Наумовски

Бројот на жртви во Газа достигна 65.427 од почетокот на војната

Нови жртви во напад на беспилотно летало врз Кан Јунис во Газа

457 загинати во сообраќајни несреќи во три години

Катерина Ѓуровски

Израел продолжува со нападите врз Појасот Газа, меѓу цивилните жртви има и деца