Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи десет нови хуманитарни операции за евакуација во регионите Херсон и Запорожје. Неодамнешното примирје, кое им овозможи на стотици цивили да го напуштат Олешки – украински град под руска окупација – ќе послужи како модел за овие операции, пренесува „Еуроњуз“ (Euronews).
Во вторникот, Зеленски објави дека предлогот бил разгледан за време на состанок посветен на исходите од неодамнешните трилатерални преговори во Абу Даби. „Украина предложи 10 дополнителни локации на привремено окупираните територии во регионите Херсон и Запорожје, каде што е потребна слична хуманитарна операција“, напиша тој на социјалните мрежи.
Тој не прецизираше за кои точно населени места станува збор; украинската дипломатска делегација ќе разговара за овој предлог со американските посредници.
Примирјето во Олешки, кое траеше од 27 октомври до 1 ноември, беше воспоставено на иницијатива на првата дама на САД, Меланија Трамп, и им овозможи на жителите да заминат преку безбеден коридор.
Меланија Трамп изјави дека вкупно биле евакуирани речиси 800 луѓе. Оние што одбрале да преминат на територијата под украинска контрола биле превезени преку Гомел, Белорусија, до регионот Чернигов. Други, според извештаите, одбрале да бидат евакуирани во Русија. Ниту Украина, ниту Русија не објавија точни бројки за секоја од овие групи.
Киев подоцна изнесе тврдење дека Русија го искористила примирјето за ротација на своите трупи на левиот брег на реката Днепар, во регионот Херсон. Комесарот за човекови права при Врховната рада, Дмитро Лубинец, изјави дека се договорил со својата руска колешка Јана Лантратова да упатат апел до првата дама на САД, со цел моделот од Олешки да се примени и за други окупирани населени места.
Рускиот претседател Владимир Путин изнесе сличен предлог за време на средбата со Трамп и американскиот пратеник Стив Виткоф во Кремљ, на 12 ноември. Тој предложи слична операција во Константинивка, во регионот Доњецк, тврдејќи дека градот е под руска контрола.
Советникот на украинскиот претседател, Дмитро Литвин, изјави дека Русија веројатно предлага примирје од истата причина како и во Олешки – за да спроведе ротација на своите војници. Извештаи од украинската војска и анализи засновани на отворени извори укажуваат дека руските сили држат само делови од источниот и југозападниот раб на градот. Значителен дел од градот се наоѓа во зоната на судири, додека остатокот е под контрола на украинските вооружени сили. Путин во повеќе наврати тврдеше дека руските сили веќе го зазеле тој град.
