Шукова од собирот во Охрид: Институционална одговорност и сериозна превенција на насилството врз жените

Од:

Сериозна превенција на родово базираното насилство, одговорност од надлежните институции и истраги и судски постапки без политички влијанија. Тоа беа барањата на Каја Шукова од СДСМ на мирниот протест одржан вечерва пред СВР Охрид, а организиран по физичкиот напад врз Сара Ѓорѓиоска.

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ, во име на насобраните, но и како што рече, во име на сите жртви на слични насилства, истакна дека насилството врз жените и фемицидите се сериозен општествен проблем, но дека проблемот не завршува со самиот чин на насилство, туку продолжува и во постапките што следуваат во текот на истрагата и судењето, каде, како што рече, се покажуваат сериозни системски недостатоци.

– Бараме да има сериозна превенција за да се спречат нови облици на насилство и нови фемициди. Бараме одговорност и да нема политички влијанија во процесот на истрага и судење. Бараме секоја жртва да биде заштитена. На секое јавување на жртва на семејно насилство, институциите веднаш да реагираат – порача Шукова.

Таа повика на одговорност и сериозност од сите надлежни институции, вклучително Министерството за внатрешни работи, локалните полициски служби, обвинителството и центрите за социјална работа.

Според неа, борбата против семејното насилство треба да ги обедини сите граѓани, без разлика на политичката, верската или која било друга припадност.

– Ова е тема што нè засега сите. Сите сме нечии ќерки, сестри, мајки, баби. Семејното насилство не препознава род и затоа сите треба да бидеме заедно, и мажите и жените, во борбата против ова зло на денешницата, за да не се повторуваат вакви немили настани, рече Шукова.

Таа изрази надеж дека случајот со Сара ќе биде еден од последните вакви случаи во земјава и повика на заедничко кревање на гласот против насилството.

Инаку, претходно најавениот граѓански протест по повод немилиот настан беше откажан поради политизирање на случајот. Во соопштението лиферувано преку социјалните мрежи, од граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ што се бори против насилството врз жените, фемицидот и сите форми на родово базирано насилство, беше упатена порака со осуда на партиските упади и притисоци врз организацијата на протестите и изразите на граѓанско незадоволство.

„Секој обид женското движење и бунт да се инструментализираат од страна на која било партија и политички структури е недозволиво и е дел од проблемот“, наведуваат од иницијативата.

Оттаму посочуваат дека политичките партии и нивните женски ограноци имаат можност и механизми за системско решавање на проблемот со насилството врз жените, поради што треба да преземат одговорност за, како што наведуваат, децениското непостапување.

„Улиците и протестите ни припаѓаат нам, граѓаните. Гневот нема да ни го земете“, порачуваат од „Ниту една повеќе“.

Случајот со нападот врз младата девојка од Охрид ја разбранува охридската и целокупната јавност во земјата, а голем број граѓани преку социјалните мрежи изразија вознемиреност и револт поради зачестените случаи на насилство во општеството повикувајќи на поголема институционална одговорност, ефикасна заштита на жртвите и решителни мерки за спречување на ваквите појави.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Тренчевска: Насилникот од Охрид не е сам – проширување на истрагата и казни за сите што му помагале да се заташка

30 дена притвор за Кристијан Корабоски

Катерина Ѓуровски

Обвинителство бара притвор за Кристијан Корабовски од Охрид кој ја претепа 26 годишната Сара

Горан Наумовски

Мицкоски со осуда за нападот врз девојката во Охрид: Ќе сториме сè сторителот да одговара пред правдата

Горан Наумовски

Повторно е приведен Кристијан Корубовски кој ја претепа Сара Ѓорѓиевска од Охрид

Горан Наумовски

МВР: Напаѓачот на Сара Ѓорѓиеска имаше 1,29 промили алкохол во крвта

Горан Наумовски