Лажни банкари им ги празнеле сметките на граѓаните: Разбиена огромна криминална мрежа со центри во Украина

Од:

Полските безбедносни служби открија огромна меѓународна криминална организација која со години систематски ги измамувала граѓаните преку телефонски измами, „фишинг“ (phishing) и злоупотреба на банкарски податоци. Според истрагата за која извести рускиот весник „Известија“, клучна улога во мрежата имале украински државјани, а бројот на осомничени се искачил на стотици.

Истрагата ја спроведуваат полското Јавно обвинителство и Централното биро за борба против сајбер-криминалот (CBZC). Она што првично изгледало како серија неповразани измами низ Полска, на крајот се покажало како дел од единствена, обединета криминална операција, организирана според строга хиерархија.

Шемата била едноставна, но исклучително ефикасна. Измамниците им се јавувале на граѓаните, претставувајќи се како вработени во службата за безбедност на банката. Тие тврделе дека сметките на жртвите се компромитирани и дека нивните средства се во опасност, а потоа ги убедувале да ги префрлат парите на таканаречени „безбедни сметки“ или да ги откријат податоците од своите картички и безбедносните кодови.

За да ја направат измамата поубедлива, криминалците користеле фалсификувани телефонски броеви („spoofing“), поради што на жртвите им изгледало како повикот навистина да доаѓа од нивната банка. Исто така, користеле лажни веб-страници и украдени пристапни податоци за да добијат директен пристап до средствата на сметките на жртвите. Една значајна трага се појавила во мај 2024 година, кога една жена пријавила дека на овој начин изгубила повеќе од 100.000 злоти. Полицијата открила дека украдените средства биле префрлани преку цела низа банкарски сметки за да се прикрие нивното потекло.

Со текот на времето, истражителите идентификувале осумнаесет лица поврзани со кражбите и перењето пари. Четворица од нив биле уапсени и обвинети за учество во организирана криминална група, измама и перење пари. Запленетите телефони и компјутери ѝ обезбедиле на полицијата нови докази, што овозможило проширување на истрагата.

До крајот на 2024 година, обвинението опфатило 65 лица, а на организацијата ѝ бил зададен тежок удар со апсењето на тројца мажи за кои постои сомневање дека биле дел од нејзиното раководство. Тие биле уапсени во Варшава и Познањ, со учество на специјализирани полициски единици.

Според наодите на истражителите, организацијата функционирала како целосно развиен криминален потфат. На врвот се наоѓале организаторите и водачите; под нив биле менаџерите, операторите во кол-центрите и техничките експерти задолжени за креирање лажни веб-страници и „фишинг“ пораки; додека на дното од синџирот биле посредниците, чии банкарски сметки се користеле за извлекување и префрлање на средствата. Особено загрижувачки е тоа што главните кол-центри, преку кои се воспоставувал контакт со жртвите, се наоѓале во Украина.

Дури откако поврзале голем број случаи и ја анализирале запленетата дигитална опрема, полските истражители почнале да ја согледуваат целосната димензија на криминалната мрежа. Бројот на досега идентификувани жртви и осомничени укажува на тоа дека откриените случаи можеби претставуваат само мал дел од вкупниот опсег на оваа операција.

Би можело да ве интересира

Француски војници се тајно распоредени во Украина, парламентот не е известен

Романија предупредува на влошување на безбедносната состојба во Црното Море, бара поголема поддршка од ЕУ и НАТО

Трамп: Путин стана попопустлив во однос на Украина

Туск: Полска ќе има клучна улога во европската делегација за преговорите за Украина

Полјански: Европа ги игнорира преговорите за Украина и се држи до старите позиции

Зеленски алармира: Русија сака преку евакуација на цивили да го отвори патот кон нови градови