Европа ја намалува зависноста од увоз на минерали: 10 милијарди евра за посилна рударска индустрија

Од:

Обезбедувањето критични суровини станува еден од главните економски и стратешки приоритети на Европската Унија. Европратениците од Комисијата за индустрија, истражување и енергетика изгласаа буџетски измени со кои се предвидува дополнителна резерва од 10 милијарди евра во Европскиот фонд за конкурентност за периодот 2028–2034 година.

Целта е да се создадат поефикасни механизми за поддршка на истражувањето и ископувањето критични суровини, кои се неопходни за зелената транзиција, развојот на современата индустрија и зајакнувањето на европските одбранбени капацитети.

Големата зависност од увоз, особено од Кина, ја наметнува потребата Европа да ги активира сопствените минерални ресурси и да развива нови производствени капацитети. Дополнителните средства треба да овозможат поголема флексибилност и насочена финансиска поддршка за стратешките сектори.

За Македонија, ова е јасен сигнал дека рударството повторно добива централно место во европските економски политики. Домашните наоѓалишта и потенцијалот за развој на нови рударски инвестиции можат да бидат важен дел од поширокиот процес на обезбедување суровини за европскиот пазар.

„Обезбедуваме наменски фонд за критични суровини и директен пат од европските истражувања до европските фабрики. На овој начин ја обновуваме нашата индустриска база, ги намалуваме нашите стратешки зависности и осигуруваме дека технологиите на иднината – од чисти технологии до одбрана – ќе се произведуваат во Европа“, изјави романскиот европратеник од редот на социјалдемократите, Дан Ника.

Од Европската асоцијација за метали (European metals), која ги обединува компаниите и националните здруженија кои работат со метали како бакар, алуминиум, цинк, никел и литиум, соопштија дека зголемениот буџет е само прв важен чекор кон постигнувањето на сигурен синџир на снабдување.

„Комисијата во Европскиот Парламент испрати силен сигнал дека Европа сериозно пристапува кон обезбедувањето на суровините неопходни за нејзината иднина. Одвојувањето на наменски буџет од 10 милијарди евра претставува апсолутен минимум потребен за одржување на кредибилитетот на европската политика за критични суровини. Ова ќе му обезбеди на Центарот за критични суровини дел од ресурсите неопходни за започнување со исполнување на неговиот мандат, поддршка на стратешките проекти и зајакнување на синџирите на вредност на суровините во Европа“, изјави Џејмс Вотсон, генерален директор на Асоцијацијата.

Оттаму потсетија дека енергетската транзиција, дигиталната транзиција и одбраната на Европа зависат од металите произведени во Европа и од пристапот до критичните суровини.

„Иако овие средства претставуваат значајна пресвртница, тие треба да се сметаат за минимална почетна точка, а не за ниво на поддршка што соодветствува на обемот на предизвикот со кој Европа се соочува во однос на критичните суровини. Други големи економии, кои се конкуренти на Европа, воведоа значително пообемни шеми за поддршка со цел да ги обезбедат синџирите на снабдување со критични суровини и да привлечат инвестиции. На пример, Канада издвои 15 милијарди канадски долари за критичните суровини. Европа мора да преземе одлучни чекори за да ја докаже својата веродостојност во однос на критичните суровини“, се додава во нивното соопштение.

Додека Европа обезбедува пари и се залага за што повеќе проекти за ископ на критични минерали, македонското рударство стагнира. Дополнително, постои и само една инвестиција во експлоатација на критична суровина во Македонија, а тоа е бакарот во Иловица. Од иницијативата „И здравје и работа“, која ги поддржува проектот за рудник, соопштија дека светот влегува во нова фаза на развој на рударскиот сектор, а активирањето на домашните минерални потенцијали е можност за нови инвестиции, работни места, развој на домашните компании и технолошка модернизација на македонското рударство.

„Во овие процеси Македонија не смее да стои отстрана. Напротив, треба навреме да ги препознае можностите што ги носи новата глобална економска реалност и да ги стави во функција сопствените минерални потенцијали, со јасна визија за развој на современо, конкурентно и одговорно рударство. Ова не треба да го правиме само затоа што Европа има потреба од сигурни извори на критични суровини. Пред сè, тоа е можност за развој на домашната економија“, соопштија од „И здравје и работа“.

Иницијативата порачува Македонија да не ги пропушти развојните шанси и да не биде само набљудувач на новите економски и технолошки промени.

Би можело да ве интересира

Кина ја контролира трката за критични минерали – Британија предупредува на сериозен ризик за економската безбедност

Димов: Дезинформациите ја загрозуваат иднината на македонското рударство, стравот не смее да биде посилен од знаењето

Нови закони за рударство и геологија треба да го приближат македонскиот сектор до европските политики за критични суровини

Рударството добива централно место во регионот, Македонија да не стои настрана – експертите го потврдија недостигот на бакар

ЕУ најавува трет повик за стратешки рударски проекти до крајот на 2026 година

А1он

Недостигот на бакар се очекува да се продлабочи од 2027 година – новите наоѓалишта стануваат сè поважни