Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, бара итна проверка на постапувањето на институциите во случајот со претепаната Сара од Охрид, оценувајќи дека мора да се утврди дали биле преземени сите мерки за нејзина заштита и дали нападот бил целосно истражен.
Петровска прашува дали полицијата ги проверила и документирала наводите на семејството дека осомничениот мислел оти Сара е мртва и барал начин да се ослободи од нејзиното тело, како и дали биле испитани сите околности што би можеле да укажуваат на обид за убиство.
Таа посочува дека СВР Охрид поднело кривична пријава за тешка телесна повреда, но бара да се утврди дали правната квалификација ги опфаќа сите околности на настанот.
„Тоа што Сара преживеала не смее да биде изговор за потценување на нападот“, наведува Петровска.
Таа бара одговор и од Обвинителството дали побарало притвор за осомничениот, а доколку тоа го сторило, бара судот да образложи зошто наместо притвор определил други мерки.
Пратеничката прашува и кој ја проценил опасноста од повторен напад и како се контролира почитувањето на забраната за приближување и контактирање.
Петровска го повикува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да наложи итна проверка на постапувањето на СВР Охрид и да ги објави резултатите.
Во реакцијата таа бара да бидат испитани и наводите на семејството за можно влијание врз постапката и медицинската документација, како и дали некој се јавувал, посредувал или вршел притисок во корист на осомничениот.
„Ако се утврди дека некој ја злоупотребил функцијата за да заштити осомничен, мора да одговара. Без оглед чие дете е и кој стои зад него“, порачува Петровска.
Таа ѝ посака на Сара брзо закрепнување и порача дека девојката и нејзиното семејство не смеат да бидат оставени сами да се грижат за нејзината безбедност.
„Барам одговори и постапување сега, додека Сара може да биде заштитена“, наведува пратеничката.
