Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека понатамошни воени дејствија од страна на САД против Иран се непотребни, бидејќи економските последици што Вашингтон ги наметна врз земјата се веќе доволно тешки.
Во говор пред „Федералистичкото друштво“ (Federalist Society), Рубио се надоврза на претходната оценка на американскиот претседател Доналд Трамп дека војната – во воен смисол – е всушност завршена, пренесе АП.
– Искрено, економските тешкотии што моментално му ги нанесуваме на тој режим се толку големи што нема потреба од воени дејствија, бидејќи веќе значително сме ги ослабеле. Сепак, сметам дека вистинската победа лежи во тоа да се осигураме дека тие никогаш нема да се стекнат со нуклеарно оружје, рече Рубио.
Американскиот државен секретар призна дека и американските граѓани ги почувствувале економските последици од овој конфликт, што доведе до пораст на цените на горивата и влијаеше врз глобалната економија.
Тој истакна дека за Трамп би било полесно едноставно да ја игнорира заканата што ја претставува иранската нуклеарна програма, да избегне непопуларна војна и „да му го остави проблемот на следниот претседател“.
