Руските сили во текот на ноќта извршија масовен напад врз воено-индустриски објекти и енергетска инфраструктура во Украина, соопшти руското Министерство за одбрана.
„Оштетени се воено-индустриски и енергетски објекти, како и складиште за муниција во Киев и околниот регион“, се наведува во соопштението, пренесува РИА Новости.
Во градот Киев е оштетен објект за производство на компоненти и склопови за ракетно-вселенската индустрија – фабриката „Генератор“; во оваа фабрика се произведуваат беспилотни летала од типот „Хорнет“ (Hornet) со среден дострел, се додава во соопштението.
Покрај тоа, цел на нападот бил и товарен брод во регионот на Одеса.
Од руското Министерство наведуваат дека, како одговор на непријателските дејствија, војската изведува напади врз центри за носење одлуки, фабрики и складишта што украинските вооружени сили ги користат заедно со експерти од НАТО.
Војската користи борбени беспилотни летала и прецизно оружје со голем дострел, способни да уништат која било цел на територијата на Украина.
