Поранешниот американски претседател Џозеф Бајден беше нападнат и гаѓан со предмети за време на ненајавена посета на Даблин, главниот град на Ирска, a според ирските и британските медиуми, две лица се уапсени.
Бајден (83) пристигна во Даблин со сопругата за да присуствува на свеченост на колеџот „Тринити“, каде што на неговиот син, Хантер Бајден, му беше доделен златен медал за неговиот „исклучителен придонес во јавната дебата“, пренесува „Ајриш тајмс“ (The Irish Times).
Поранешниот американски претседател седеше во првиот ред во свечената сала за време на доделувањето на наградата.
Неговото пристигнување не беше најавено, но присутните реагираа со громогласен аплауз штом го забележаа.
За време на дискусијата со присутните по неговиот говор, Хантер Бајден го опиша израелското бомбардирање на Појасот Газа како „масовно убивање“, наведувајќи дека она што се случува во Газа е целосно погрешно и неоправдано.
Тој исто така го бранеше својот татко, тврдејќи дека тој ги донел најдобрите можни одлуки врз основа на информациите што му биле достапни во тоа време.
По завршувањето на свеченоста, пред колеџот, семејството Бајден беше пречекано од пропалестински демонстранти, кои протестираа против поддршката што поранешниот американски претседател ѝ ја давал на Израел за време на неговиот мандат. Некои од демонстрантите фрлале непознати предмети кон Бајден, по што полицијата интервенирала со употреба на бибер-спреј и уапсила две лица, јавуваат британските медиуми.
