Украина го одби американскиот предлог за прекројување на административните граници на Доњецката и Луганската област, со кој американските претставници се обидоа да ѝ овозможат на Москва да прогласи контрола врз целиот Донбас без да ги освои градовите што сè уште ги држат украинските сили, објави „Киев пост“.
Според предлогот, административните граници на двете области на хартија би се поместиле така што ќе ја следат линијата на фронтот, додека преостанатите територии под украинска контрола би биле исклучени од дефиницијата за Донбас. На тој начин, Владимир Путин би добил симболична победа без руската војска да мора да ги освои тие територии.
Со предлогот, специјалните пратеници на американскиот претседател Доналд Трамп, милијардерот Стив Виткоф и неговиот зет Џаред Кушнер, се обиделе да ја заобиколат најголемата пречка за мировен договор – руското барање да добие околу 5.000 квадратни километри територија што не успеала да ја освои на терен.
Од Киев веднаш го одбиле предлогот, со порака дека Украина никогаш нема да ја признае руската окупација.
„Украинската делегација никогаш не разговарала за отстапки на окупираните територии. Украина никогаш нема да го признае тоа, ниту де факто, ниту де јуре. Тоа отсекогаш бил нашиот став на преговарачката маса“, изјавил неименуван извор од украинскиот преговарачки тим.
Првиот круг преговори во Абу Даби траел четири и пол часа. На почетокот Џаред Кушнер изјавил дека Вашингтон верува оти Путин е подготвен за мир под одредени услови.
Сепак, барањата на Москва и натаму се целосно спротивни на она на што Киев може да се согласи. Путин бара целосно повлекување на украинските сили од Донбас, како и признавање на руската анексија на четирите украински области и Крим како услов за прекин на огнот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќепати категорично ги отфрли овие барања.
Зеленски од Копенхаген ги обвини руските преговарачи дека го доведуваат Вашингтон во заблуда со лажни податоци за состојбата на фронтот, тврдејќи дека контролираат значително поголема територија од онаа што навистина ја држат.
Според украинскиот претседател, руската страна на Американците им претставила дека контролира половина од територијата што сè уште ја брани украинската војска. Киев ги оспорил овие тврдења на состанокот со видеоснимки и фотографии од боиштето.
Зеленски посочил и дека Путин ја убедува Белата куќа оти преостанатиот дел од Донбас може да го освои за само неколку месеци.
И покрај целосното несогласување околу територијалните прашања, Зеленски го оцени првиот ден од преговорите како содржаен, нагласувајќи дека фокусот бил ставен на хуманитарните прашања и безбедносните гаранции.
Меѓу конкретните теми била и голема размена на воени заробеници, при што се разгледувала можноста секоја страна да размени меѓу 1.000 и 1.500 заробеници. Ова е еден од клучните приоритети на Киев.
Другиот дел од разговорите се однесувал на моделот што би ја одвратил Русија од нов напад по евентуалниот прекин на огнот.
Украина инсистира на правно обврзувачки безбедносни гаранции, а не на политички ветувања што би можела да ги поништи некоја идна американска администрација.
Меѓу опциите се билатерален договор со САД и европска коалиција на подготвените земји со поддршка од Вашингтон. Украина и натаму не се откажува од членството во НАТО.
Од друга страна, руската делегација во Абу Даби бара сопствени гаранции, повторувајќи ги барањата за ограничување на военото присуство на НАТО во Источна Европа.
Зеленски порача дека територијалното прашање сака да го реши директно и дека е подготвен да се сретне со Путин со посредство на САД и Европа.
