Пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, денеска во Абу Даби повика на воспоставување нова безбедносна рамка за Украина, Русија и Европа. Ова го порача на почетокот на новата рунда преговори меѓу Киев и Москва, што се одржуваат со посредство на САД.
„Не се надеваме само дека ќе разговараме за билатералните прашања и за завршување на војната, туку и дека ќе воспоставиме добри безбедносни односи меѓу Украина, Русија и Европа, со цел да развиеме нова рамка, а не само да ја завршиме оваа војна“, рече Кушнер.
Украинските и руските преговарачи денеска во Абу Даби ги започнаа дводневните разговори чија цел е завршување на војната, објавија руските државни медиуми.
Главниот украински преговарач Рустем Умеров изјави дека целта на новата рунда разговори е постигнување траен мир. Неговиот руски колега Владимир Медински порача дека завршувањето на војната е во интерес и на украинскиот и на рускиот народ.
Последната трилатерална средба се одржа во февруари во Женева, по претходните два состанока во Абу Даби.
Трамп неодамна изрази оптимизам дека наскоро би можел да биде постигнат мировен договор, најавувајќи голем и прекрасен договор. Сепак, набљудувачите не очекуваат позначаен напредок во оваа рунда преговори.
Повеќе од четири и пол години по почетокот на руската инвазија, руските сили и натаму контролираат околу една петтина од украинската територија. И покрај оптимизмот на Трамп, Москва и Киев не се приближија до договор за условите за завршување на војната, пишува „Ројтерс“.
Додека САД повторно се обидуваат да постигнат договор, европските претставници сè погласно бараат и тие да учествуваат во преговорите за завршување на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна.
Умеров изјави дека украинските претставници пред почетокот на главната средба одржале одделни разговори со претставници на европските земји, НАТО и Европската Унија, како и со двајцата американски пратеници.
„Правиме сè за да обезбедиме Европа да учествува во дипломатскиот процес“, рече Умеров пред состанокот.
Франција порача дека не може да има траен мир во Украина без решавање на прашањата поврзани со европската безбедност и дека затоа Европа мора да биде дел од преговорите.
Русија, од друга страна, јасно порачува дека не сака европски претставници на преговарачката маса заедно со Украина и САД.
