Жена која била силувана од Џефри Епстин тврди дека модната агенција MC2 ја изложила на опасност во 2009 година, кога ја испратила на две фотографирања во неговата куќа во Флорида, иако тој тогаш издржувал затворска казна за сексуални кривични дела врз малолетничка.
Жената, која Би-Би-Си ја претставува под името Роза, имала 18 години кога американската филијала на MC2 Model Management првпат ја испратила во куќата на Епстин во Палм Бич. Таа во САД пристигнала од Узбекистан само еден месец претходно.
Епстин во тоа време ја издржувал казната, но му било дозволено секој ден да работи од дома.
„Работата на мојата агенција беше да ме заштити, но тие не го направија тоа. Напротив, ме изложија на опасност. За тоа треба да одговараат“, изјавила Роза за Би-Би-Си.
Претседател на американската филијала на MC2 во тоа време бил Џеф Фулер, кој денес ја води агенцијата The Source Models. Роза тврди дека агенцијата знаела каде ја испраќа. Како доказ, на Би-Би-Си му покажала извод од трошоци од кој, според медиумот, произлегува дека Фулер лично ѝ го резервирал летот за враќање дома од Палм Бич по второто фотографирање.
Фулер претходно тврдеше дека не знаел дека Роза оди во куќата на Епстин, ниту дека била сексуално злоупотребена.
Фотографирањата, според нејзиното сведоштво, довеле до тоа да стане асистентка на Епстин, по што тој систематски ја силувал. И други жртви претходно сведочеа дека Епстин користел вработување асистентки како параван за продолжување на злоупотребата на млади жени.
Фотографка на снимањата не била професионалка, туку тогашната девојка на Епстин, Надја Марчинко. Роза вели дека сè ѝ изгледало чудно бидејќи немало ниту стилист, а фотографиите никогаш не биле искористени.
Би-Би-Си во документите на американското Министерство за правда пронашол податоци дека десет манекенки од MC2 се сретнале со Епстин или биле во контакт со него по неговата осуда. Документите покажуваат и дека Епстин во 2005 година ѝ дал милион долари на агенцијата.
Две години подоцна, сопствениците на агенцијата во изјава за американски медиум тврделе дека Епстин нема никаква врска со компанијата.
Во електронска порака од март 2012 година, Фулер му пишувал на Епстин за друга манекенка: „Да не бевте вие, ќе ја отпуштевме пред неколку месеци. И би внимавал, бидејќи таа зборува за разни работи“.
Еден месец по второто апсење на Епстин во 2019 година, американската филијала на MC2 престанала да работи, а Фулер ја основал агенцијата The Source Models. Според Би-Би-Си, во новата агенција преминале 50 манекенки од MC2. Од The Source Models не одговориле на прашањата на медиумот.
Адвокатката Сигрид Меколи, која застапува повеќе од 100 жртви на Епстин, вели дека модните агенции му биле корисни за пронаоѓање млади жени.
„Епстин на многумина им кажувал дека сака по три различни девојки дневно. Модните скаути биле клучни бидејќи тие го препознавале типот жени што му се допаѓал“, изјавила Меколи.
Би-Би-Си открил и дека поранешниот моден агент Ремзи Елколхи се обидел да го поврзе Епстин со 34 жени, меѓу кои и 18-годишна девојка која сè уште одела на училиште.
Според документите, Елколхи предложил една од асистентките на Епстин да се спријатели со една од жените пред да ја запознае со него.
Жената изјави за Би-Би-Си дека Епстин сексуално ја злоупотребил уште при првата средба во неговата куќа во Њујорк, кога имала 19 години.
Елколхи ги отфрла обвинувањата.
„Целосно ги отфрлам сите тврдења дека сум знаел за каква било злоупотреба или дека сум ја овозможил“, изјавил тој.
Додал дека му верувал на Епстин за неговиот случај од 2008 година и дека единствената намера му била да им помогне на манекенките да најдат работа.
Манекенка од Источна Европа, која Би-Би-Си ја претставува под името Симона, тврди дека Епстин ја силувал повеќе од 200 пати. На првата средба, кога имала 20 години, тој ѝ понудил да ја запознае со својата „добра пријателка“ Фејт Кејтс, тогашна шефица на Next Management, една од најголемите модни агенции во светот.
Симона тврди дека Кејтс ѝ предложила естетска операција и дека на Епстин му ги испратила податоците за хирургот.
По таа средба, Епстин ја убедил да се откаже од манекенството и да стане негова асистентка. Потоа ја силувал и ја контролирал речиси две години.
Според документите, Епстин побарал од Кејтс да се сретне со уште пет манекенки, но не е познато колку од тие средби навистина се одржале.
Адвокатите на Кејтс тврдат дека и таа била измамена од Епстин и дека никогаш не ѝ предложила на манекенката да направи операција. Кејтс во декември минатата година се повлекла од извршната функција, но и натаму е заведена како директорка на компанијата.
Сенаторот на сојузната држава Њујорк, Зелнор Мајри, ја оспорува минатогодишната изјава на американското Министерство за правда, според која нема докази што би оправдале истрага против трети лица кои не биле обвинети.
Мајри предложи закон за трговија со луѓе за сексуална експлоатација, со кој полицијата би добила пошироки овластувања за истрага на лицата за кои постојат сомневања дека му помагале на Епстин.
„Ако сте испраќале манекенки кај Епстин и сте знаеле што прави, или сте требало да знаете, ќе одговарате“, изјавил Мајри.
Роза се надева дека нејзината приказна ќе ги охрабри и другите жртви да проговорат.
„Има многу преживеани кои никогаш не зборуваат бидејќи е страшно. Сега го знаете моето име. Јавете се“, порача таа.
