Важен демократ до Трамп: Најми адвокат

Од:

Демократот Роберт Гарсија, кој треба да го преземе раководењето со моќниот Комитет за надзор во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, упати остра порака до Доналд Трамп и републиканците по нивниот тежок изборен пораз.

„Најдете си адвокати“, порача Гарсија, алудирајќи на истрагите што демократите планираат да ги отворат против администрацијата на Трамп, објави „Гардијан“.

Демократите со убедлива победа ја презедоа контролата врз Сенатот и обезбедија мнозинство во Претставничкиот дом, освојувајќи победи во неколку клучни сојузни држави, меѓу кои Пенсилванија, Охајо, Северна Каролина, Њу Џерси и Кентаки.

Со мнозинството во Конгресот, тие добиваат можност да покренуваат парламентарни истраги против администрацијата на Трамп, да повикуваат сведоци и да бараат документи, вклучително и преку задолжителни судски покани.

Комитетот за надзор е едно од најважните истражни тела на Претставничкиот дом, со овластувања да бара доверливи документи од федералните институции и да покренува постапки за непочитување на Конгресот.

Гарсија претходно најави дека меѓу приоритетите на новите истраги ќе бидат улогата на Илон Маск и неговиот Оддел за владина ефикасност (DOGE), деловните трансакции на семејството Трамп, постапувањето на имиграциската служба ИЦЕ, како и документите поврзани со случајот на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.

„Не почнуваме од нула. Зад нас има огромна јавна работа, но и многу работа што тивко ја подготвувавме со месеци. Имаме овластувања да одиме на суд во име на Претставничкиот дом, имаме моќ да повикуваме сведоци и да покренуваме постапки за непочитување на Конгресот“, изјави Гарсија за „Панчбоул њуз“.

Сенаторот Вајден најави судски покани

Остра порака испрати и влијателниот демократски сенатор Рон Вајден, кој треба да го преземе Комитетот за финансии во Сенатот.

Тој на социјалната мрежа Икс објави само еден збор: „Судски покани“, најавувајќи засилена контрола врз работата на администрацијата и финансиските активности поврзани со неа.

Со преземањето на мнозинството во двата дома на Конгресот, завршува периодот во кој Трамп можеше да смета на поддршката на републиканското мнозинство за неговите политики. Во преостанатите две години од мандатот, Белата куќа ќе се соочи со парламентарни истраги, сослушувања и можни блокади на законодавните иницијативи.

Би можело да ве интересира

Победата на демократите ги потресе глобалните берзи

ВИДЕО: Големи прослави низ САД за победата на Демократите

ВИДЕО: „ВЕТО“, „Не бев јас на ливчето“ – рекации на Трамп по големиот пораз

ВИДЕО: Дебакл на Трамп, „синиот бран“ ги однесе и Сенатот и Конгресот

Катерина Ѓуровски

САД ги предупредуваат сојузниците да се подготват за можни напади врз Иран по изборите

ВИДЕО: Демократите го обвинуваат Трамп за сексуално злоставување девојки поврзани со Епстин, бараат независна истрага