Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „изразената одбивност“ кон Израел, заедно со војната со Иран и порастот на цените на горивото, биле едни од клучните причини за поразот на републиканците на неодамнешните избори. Тој ја изнесе својата анализа откако партијата не ги постигна очекуваните резултати на конгресните избори што се одржаа во средината на претседателскиот мандат, пишува Си-Ен-Ен.
„Мислам дека исходот ќе беше сосема поинаков ако јас бев на гласачкото ливче, бидејќи видовте какво беше нивото на популарност и љубов“, рече Трамп вчера во интервју за емисијата „60 минути“ на Си-Би-Ес (CBS).
„Но, има и други причини. На луѓето не им се допадна војната. Не им се допадна тоа што цената на горивото се зголеми, бидејќи јас ја одржував ниска“ рече Трамп.
Коментарите на Трамп укажуваат на длабока промена во американската политика.
Израел со децении уживаше двопартиска поддршка и цврста основа, како за време на републиканските, така и за време на демократските претседатели, но обемот на американската воена и финансиска помош на овие избори стана политички товар.
Абдул Ел-Сајед, демократскиот кандидат избран за сенатор од Мичиген, беше еден од најистакнатите критичари на Израел за време на кампањата. Критиките не доаѓаа само од демократите, и потпретседателот Џеј Ди Венс сугерираше дека републиканците ќе мора да ја преиспитаат својата безусловна поддршка за Израел.
Трамп потврди дека се согласува со оценката на Венс дека војната со Иран е една од причините за поразот, но додаде дека не зажали за таа одлука.
„Не смеете да дозволите Иран да дојде до нуклеарно оружје. Верувам дека, гледано историски, ова ќе се покаже како многу добра одлука. Дали е добра одлука за денес и утре? Можеби не. Но, морам да го направам она што е правилно за нашата земја. Да дојдеа до нуклеарно оружје за време на мојот мандат, ќе ме критикуваа многу построго отколку сега“, рече тој.
Трамп исто така изјави дека другите земји, вклучително и Израел, ќе мора да сносат дел од трошоците за војната.
„Земјите што ги штитевме ќе ги надоместат сите трошоци што ги имавме во војната, бидејќи без нас тие немаше ни да постојат.“ „Без нас, Израел не би постоел“, рече Трамп.
