Британскиот комичар и актер Расел Бренд е осуден на 10 и пол години затвор за силување и сексуален напад извршени пред две децении.
По судењето во Лондон, кое започна во октомври, тој беше прогласен за виновен по една точка за силување и три точки за сексуален напад.
Вкупно, тој се соочи со седум точки од обвинението: три за силување, три за сексуален напад и една за обид за сексуален напад.
Тој беше ослободен од обвиненијата по три точки.
Делата за кои е осуден се случиле во периодот помеѓу 2004 и 2009 година и вклучуваат четири жени, кои имаат право доживотно да останат анонимни.
Бренд претходно изјави дека е „длабоко навреден“ од обвинувањата и дека неговите сексуални односи со жени „секогаш биле со согласност“.
При изрекувањето на пресудата, судијата наведе дека Бренд ги понижил жртвите и се однесувал со „запрепастувачка ароганција“.
Цитирајќи ја изјавата на Бренд дадена за време на судењето, дека „никогаш не допрел жена без нејзина согласност“, судијата му рече: „Тоа беше само една од низата лаги што ги кажавте“.
Бренд се прослави како стенд-ап комичар, пред да премине на телевизија и радио, каде што водеше различни национални програми.
Во периодот од 2006 до 2008 година, тој водеше радио-емисии на Би-Би-Си (BBC), телевизиски програми на „Канал 4“ (Channel 4), а глумеше и во холивудски филмови.
Тој беше донесен во судницата од лондонскиот затвор „Вандсворт“, кој често се опишува како еден од најстрогите во земјата.
Претставници на затворот претходно за Би-Би-Си изјавија дека Бренд нема да има посебен третман и дека ќе биде третиран како и секој друг затвореник.
Бренд ги слушаше изјавите на жртвите кои го обвинија за разни сексуални престапи, но не покажа никакви емоции.
Според известувачите на Би-Би-Си од судот, тој бил блед и повремено ги затворал очите.
Изрекувањето на пресудата во живо го следеа сопругата на Расел, Лора Бренд, како и неговиот татко, Рон.
Пред изрекувањето на пресудата, во судницата беа слушнати изјави од жени кои го обвинија Бренд за сексуално недолично однесување.
Една од нив зборуваше во живо, но беше скриена зад завеса за да се заштити нејзиниот идентитет.
Тие го нарекоа „немилосрден сексуален предатор“ и раскажаа како сето тоа негативно влијаело врз нивните животи и оставило длабока трага.
Обвинителите наведоа дека нивното здравје е нарушено, првенствено во психолошка смисла.
