Трамп сакаше шефот на УФЦ да биде портпарол на Белата куќа, го одби

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп му понудил на шефот на УФЦ, Дејна Вајт, да ја преземе функцијата портпарол на Белата куќа, но тој ја одбил необичната понуда, тврди извор запознаен со ситуацијата, пренесува „Ројтерс“.

Трамп во саботата објави дека од промоторот на мешани боречки вештини побарал да ја преземе оваа важна комуникациска функција.

„Задоволство ми е да објавам дека на големиот Дејна Вајт, жесток борец и воин, му е понудено местото портпарол на Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“.

Тој го повика Вајт да ги донесе со себе и шест актуелни и поранешни шампиони на УФЦ, кои би му биле „асистенти“. Меѓу нив се борците од руски Дагестан, Ислам Махачев и Хабиб Нурмагомедов, Американците Џастин Гејџи, Даниел Кормие и Кејла Харисон, како и Бразилката Аманда Нуњес, која минатата година доби американско државјанство.

„Овие луѓе ни се потребни за да нè бранат од лудата левица“, напиша Трамп, завршувајќи ја објавата со повик до Вајт да ја прифати понудата.

Иако подоцна соработник на Трамп изјави дека претседателот само се шегувал, неговата објава дојде во време кога Белата куќа навистина бара нов портпарол.

Вајт, прашан за понудата на прес-конференција во Лондон по боксерски меч, избегна директен одговор и само најави дека во понеделник ќе се сретне со Трамп.

Потрагата по нов портпарол стана поважна откако демократите ја презедоа контролата врз двата дома на Конгресот и најавија истраги за администрацијата на Трамп.

Функцијата е испразнета откако минатиот месец беше сменета Кејти Захарија, која на позицијата остана само пет дена, што е најкраток мандат во историјата. Таа ја наследи Каролин Ливит, која ја напушти функцијата на крајот на август, по година и половина, за да поминува повеќе време со семејството. Овој месец таа се приклучи на „Фокс њуз“ како соработник.

Трамп во изминатите години често присуствуваше на настани на УФЦ. Во јуни, Белата куќа беше домаќин и на боречка вечер по повод 250-годишнината од американската независност.

Трамп претходно годинава зборуваше за Вајт и неговата способност да го поврзе со помладата публика, раскажувајќи дека преку него запознал млади луѓе и инфлуенсери.

Сепак, на изборите одржани оваа недела се забележа промена кај помладите машки гласачи, кои се свртеа кон демократите и придонесоа за нивната победа и преземањето на контролата врз двата дома на Конгресот.

Во комуникацискиот тим на Трамп веќе работи поранешен вработен во УФЦ, директорот за комуникации Стивен Чеунг, кој во организацијата на Вајт работел од 2013 до 2016 година. Тој ја поддржа идејата на претседателот, споделувајќи ја неговата објава со коментар: „Токму така! Прифати, Дејна Вајт!“

Понудата до Вајт дојде во време на пошироки кадровски промени во администрацијата. Во петокот Трамп ја смени долгогодишната шефица на кабинетот Сузи Вајлс, а на нејзино место го постави Стивен Милер, еден од неговите најблиски соработници.

„Можеби ќе направам уште неколку промени“, изјави Трамп за Си-Би-Ес њуз.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Новиот шеф на Белата куќа е креатор на најконтроверзните политики

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) САД изведоа нови напади врз Иран. Трамп: Поставија некаков противвоздушен систем

ВИДЕО: Нов обид за атентат врз Трамп

Трамп ја прогласува Овалната соба во Белата куќа за национален споменик

Израел e затекнат од одлуката на Трамп: Вашингтон најавува прекин на воената помош

Трамп: Изборите во Америка се толку наместени, што не можете ни да замислите