Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија спроведувала таен надзор над студенти, универзитетски професори, опозициски политичари, синдикални претставници и активисти, користејќи ја безбедносната служба за следење на критичарите на власта на Александар Вучиќ. Ова го открива истражувањето на српскиот „Радар“, кој имал увид во повеќе решенија на Вишиот суд во Белград со кои биле одбиени барањата на БИА за продолжување на мерките за таен надзор.
Според документите до кои дошол „Радар“, предлозите ги потпишал директорот на БИА, Владимир Орлиќ, а судот ги одбил откако утврдил дека агенцијата не приложила докази за сомневањата врз основа на кои барала следење на конкретните лица. Во неколку случаи судот ги одбил барањата уште при првото барање за примена на посебните мерки.
Меѓу лицата кои биле под надзор се шефот на кабинетот на ректорот на Универзитетот во Белград, Данило Потпариќ, претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, претставникот на граѓанското здружение ИТ Блокада, Алекса Мијуца, претседателот на Независниот синдикат на железничарите на Србија, Радомир Поповиќ, како и обвинителот во Обвинителството за организиран криминал, Александар Барац.
„Радар“ наведува дека од повеќе извори добил информации за голем број барања за следење што БИА ги испратила до судовите низ Србија, како и за примена на мерки без соодветно судско одобрение. Според сознанијата на весникот, меѓу следените биле и новинари, студенти, професори и активисти. Се наведува и користење на шпионскиот софтвер „Пегазус“, како и поставување уреди за прислушување во амфитеатар на Правниот факултет во Белград.
Еден од случаите што ги открива „Радар“ се однесува на обвинителот Александар Барац, задолжен за постапката за падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Според документ на БИА потпишан од Орлиќ, Барац бил под посебни мерки за таен надзор од 9 април 2026 година. Неговите комуникации биле тајно снимани, а мерките опфаќале и надзор и снимање комуникации на јавни места, на места со ограничен пристап и во простории.
Мерките биле продолжувани неколкупати, последен пат на 7 октомври. Но, по изборите на 29 октомври, Орлиќ испратил барање за нивно прекинување, наведувајќи дека собраните податоци не укажуваат дека Барац учествувал во кривично дело шпионажа и дека продолжувањето на надзорот не би ги донело очекуваните резултати.
„Радар“ потсетува дека интервјуто со обвинителот Барац, во кое зборувал за опструкциите во истрагата за случајот „Надстрешница“, било објавено токму на 9 април, кога бил ставен под мерки.
Документите покажуваат дека Данило Потпариќ бил под мерки од јануари 2026 година, а тие биле продолжувани неколкупати, последен пат во август. БИА побарала ново продолжување на 21 октомври, но Вишиот суд го одбил барањето на 23 октомври.
Во образложението на БИА, меѓу другото, како сомнително било наведено користењето заштитени апликации за комуникација, како и неговите контакти со професори и лица кои го поддржувале студентското движење. Потпариќ бил обвинет и дека работи во интерес на Германија, но без приложување докази за таквите тврдења.
Судот заклучил дека од приложените извештаи не произлегува дека неговите активности биле насочени против безбедноста на Србија.
Во разговор за „Радар“, Потпариќ изјавил дека не го изненадува фактот што луѓе од Универзитетот биле предмет на надзор, бидејќи токму институцијата била едно од местата на најсилен отпор кон власта.
„Едно е да претпоставувате дека сте под надзор, а друго е да дознаете дека речиси една година биле применувани мерки врз вас, по предлог на директорот на БИА и со одобрение на Вишиот суд во Белград, поради сомневања за подготвување дела против уставното уредување и наводно дејствување во интерес на Сојузна Република Германија“, изјавил Потпариќ, категорично отфрлајќи ги обвинувањата.
Тој додал дека следењето на неговите средби и движење, вклучително и фотографирањето додека го носел детето во градинка, претставува сериозен упад во приватноста.
Под таен надзор бил и претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ. Мерките првпат биле одобрени на 30 јануари 2026 година и неколкупати продолжувани. БИА побарала ново продолжување на 24 октомври, ден пред изборите, но судот го одбил барањето на 29 октомври.
Во образложението на агенцијата, како причина за следење биле наведени неговите активности во поддршка на протестите и студентското движење, како и контактите со активисти и граѓански организации.
БИА се повикала и на наводна обука на Миливојевиќ во Сегедин и Балтимор во 1990-тите и на почетокот на 2000-тите години, за која тврдела дека била организирана со американска поддршка со цел соборување на режимот на Слободан Милошевиќ. Но, ниту за овие тврдења не биле приложени докази, констатирал судот.
Миливојевиќ за „Радар“ изјавил дека безбедносните служби веќе 14 години служат за опстанок на власта, а не за заштита на државата и граѓаните. Тој тврди дека двапати пронашол ГПС-уред на својот автомобил и дека добивал информации оти неговите комуникации и движење се следат.
БИА барала продолжување на надзорот и над Алекса Мијуца од граѓанското здружение ИТ Блокада. Во барањето потпишано од Орлиќ било наведено дека тој учествувал во собирање финансиски средства за студентските протести, обезбедувал логистичка и организациска поддршка и често престојувал во странство.
Според БИА, неговите активности можеле да доведат до нарушување на уставниот поредок и насилна промена на власта. Вишиот суд го одбил барањето за продолжување на мерките на 28 октомври.
Мијуца изјавил дека здружението цело време работело законски и транспарентно и дека одлуката на судот потврдува дека барањето на БИА било неосновано. Тој оценил дека следењето на луѓе кои работат во интерес на општеството не претставува заштита на државата, туку нејзина злоупотреба против сопствените граѓани.
Сличен случај е и со претседателот на Независниот синдикат на железничарите, Радомир Поповиќ. БИА го ставила под надзор во јануари 2026 година, а мерките биле продолжувани во наредните месеци.
Во барањето за продолжување било наведено дека Поповиќ, поради влијанието врз вработените и бројноста на синдикатот, ги уценувал државните органи и раководството на железницата со штрајкови и прекини на работата. БИА како сомнителен го посочила и неговиот контакт со независни медиуми.
Поповиќ за „Радар“ изјавил дека бил следен поради укажувањето на неправилности во работењето на железницата и борбата за правата на работниците.
Истражувањето на „Радар“ укажува и на поширок начин на следење, при што, според весникот, во барањата за надзор над едно лице биле внесувани телефонски броеви и локации поврзани со други лица. На тој начин, покрај целното лице, биле следени и неговите контакти и луѓето од неговото опкружување.
Во повеќе случаи БИА ги образложувала барањата со сомневања за загрозување на уставното уредување и повикување на насилна промена на власта, додека во други случаи користела сомневања за шпионажа, при што контактите со странски државјани ги претставувала како сомнителни активности.
Според „Радар“, решенијата на Вишиот суд во Белград покажуваат дека за продолжување на мерките немало конкретни докази за криминални активности кај лицата кои биле следени.
Весникот оценува дека размерите на евентуалната злоупотреба на БИА во периодот на владеењето на Српската напредна партија допрва ќе се откриваат. Како проблем го посочува и континуираното поставување партиски кадри на чело на агенцијата, меѓу кои Братислав Гашиќ, Александар Вулин и актуелниот директор Владимир Орлиќ.
Исти вакви документи, Радар објави и претходно. Во нив се гледаше дека имало наредби за следење на главната и одговорна уредничка, на двајца новинари и на просториите на медиумот.
