Aмериканскиот претседател – Доналд Трамп изjави дека САД ќе престанат да му даваат на Израел четири милијарди долари годишно, почнувајќи од крајот на оваа година.
Тој тврди дека за ова се договориле со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред неколку месеци.
„Веќе се договоривме дека до крајот на оваа година повеќе нема да му плаќаме на Израел. Ќе му помогнеме доколку е потребно“, рече Трамп.
Тој додаде дека Израел може да купува американско оружје и истакна дека на земјата веќе не ѝ се потребни парите.
Трамп исто така рече дека американската помош за Израел станала политичко прашање за демократите.
Како пример, тој го наведе Абдул Ел-Сајед, демократски кандидат за Сенатот во Мичиген, кој ја критикуваше американската поддршка за Израел.
Не е сосема јасно на каков вид помош се однесува изјавата на Трамп.
Постоечкиот договор предвидува американска воена помош за Израел во износ од 3,8 милијарди долари годишно и важи до 2028 година.
Кабинетот на Нетанјаху сè уште нема дадено коментар за тврдењата на Трамп.
