Владата на Мицкоски приредува вистински апсурд во еден од најчувствителните сегменти на државниот апарат – националната безбедност. Со предлогот за укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, ДПМНЕ практично признава дека не успеала да воспостави функционална соработка меѓу службите со кои раководат кадри именувани од самата власт. Уште поскандалозно, Министерството за внатрешни работи, предводено од Панче Тошковски, во образложението признава дека постојниот закон е системски правилно поставен и усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО, но неговата примена е ограничена поради институционална недоверба и недостиг на оперативен капацитет, велат од Левица.
– Значи, законот е добар, ама власта не знае да го спроведе, па решила да го укине! Дополнително загрижува што ова законско укинување се случува паралелно со најавите за обединување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. Двете институции имаат различни законски мисии, надлежности и оперативни задачи, а нивното евентуално спојување отвора сериозни прашања за концентрацијата на овластувања, механизмите за контрола и политичкото влијание врз безбедносниот апарат. Наместо детална анализа, експертска расправа и јасни гаранции за независноста на службите, Владата започнува со демонтирање на постојната законска рамка.
Владата мора јавно да одговори на суштински прашања:
1. Кој, како и врз основа на која законска рамка ќе обезбеди одржлива координација меѓу службите по укинувањето на постојниот Закон?
2. Кои се гаранциите дека ќе се надмине меѓусебната недоверба меѓу службите, кога нивните најодговорни раководни кадри се предложени и именувани од самата власт?
3. Кои се гаранциите дека без јасно уреден механизам за законска координација, безбедносно-разузнавачките служби нема да бидат изложени на политички влијанија и злоупотреби?
Укинувањето на законскиот механизам за координација со образложение дека службите немаат доверба едни во други не е решение, туку признание за сериозен проблем. Наместо да се бара одговорност од оние кои се задолжени да ја обезбедат неговата имплементација, Владата избира да го отстрани механизмот што треба да обезбеди координација.
Причина за сериозна загриженост е доколку зад оваа одлука се крие намера за концентрација на надлежности и влијание врз безбедносно-разузнавачките служби, со што би се отворил простор за нивна поголема политичка контрола. На Македонија ѝ требаат професионални, независни и функционални безбедносно-разузнавачки служби, со јасно разграничени надлежности и законски гарантирана координација, а не институции кои ќе бидат заложници на партиските интереси и меѓусебната недоверба, нагласуваат од партијата.
