ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ, коалициски партнери во Владата, со различни пораки ги коментираа резултатите од локалните избори во Брвеница, на кои победи кандидатот на ДУИ, Аркин Јахији. Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија ВРЕДИ дека наместо да се издигне над етничкиот национализам, придонел за победата на ДУИ, додека од ВРЕДИ порачаа дека изборите покажале оти во земјава сè уште има многу работа за изградба на вистински граѓански модел.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштение наведува дека на изборите настапило со програма и проекти за развој на општината, додека, според партијата, противниците ја претвориле изборната трка во натпревар на етнички поделби.
„Една Брвеница за сите е повеќе од концепт во кој ја потенциравме силата на единството, соживотот и меѓусебната почит, инфраструктурните инвестиции и подобрите услови за живот, додека противниците, искористувајќи ја демографската состојба, повикуваа на етничко гласање“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата тврди дека ДУИ, СДСМ, Левица и ВРЕДИ заеднички настапиле против неа, оценувајќи дека изборната трка наместо натпревар на идеи ја претвориле во „ринг на поделби“.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека нивниот кандидат Јованчо Радичевски не победил, но дека партијата забележала раст на бројот на гласови. Според соопштението, од околу 3.000 гласови во првиот круг, во вториот круг добиле околу 4.200, односно 1.300 повеќе во споредба со парламентарните избори.
Особено критики упатија кон својот коалициски партнер во Владата, ВРЕДИ, обвинувајќи го дека се ставил во служба на ДУИ.
„Тоа што предизвикува особена жал е што нашиот коалициски партнер, ВРЕДИ, ја пропушти можноста во Брвеница да биде поразличен од ДУИ и да се издигне над етничкиот национализам, со што се покажа дека, исто како и кандидатите на СДСМ и Левица, беше тројански коњ во корист на ДУИ“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Брвеница нема да биде заборавена и дека Владата ќе продолжи да инвестира во општината, без разлика на изборниот резултат.
Од ВРЕДИ, пак, порачаа дека изборите во Брвеница се одржале во слободна и демократска атмосфера, без инциденти и прекршувања на изборните правила. Оттаму нагласуваат дека гласовите им припаѓаат на граѓаните и дека ниту една политичка партија нема право да ги контролира или да тврди дека се нејзина сопственост.
„Во демократијата волјата на граѓаните е и треба да остане над секој интерес, а во локалната демократија граѓанската волја треба да биде надпартиска. Гласовите им припаѓаат на граѓаните, кои слободно одлучуваат кому ќе му ја дадат довербата“, наведуваат од ВРЕДИ.
И од оваа коалиција упатија критики за начинот на кој се водела изборната кампања, оценувајќи дека повиците за етничко гласање, заедно со СДСМ и Левица, не придонесуваат за изградба на граѓански модел.
„Граѓански модел не може да се гради со повикување на етничко гласање заедно со СДСМ и Левица. Каде што е Левица, таму нема Албанци. Во општества со етничка разновидност, секоја акција предизвикува реакција. Таквиот пристап ризикува да создаде затворен круг на поттикнување и поларизирачка реторика, како и продлабочување на етничките поделби. Наместо напредок, ќе имаме назадување“, велат од ВРЕДИ.
Од партијата им се заблагодарија на граѓаните кои учествуваа во изборниот процес и го остварија своето право на глас.
