Аркин Јахији победи на предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, откако во вториот круг освои 4.442 гласа, односно 50,36 отсто од гласовите, покажуваат податоците од сите 24 избирачки места.
Неговиот противкандидат Стојанчо Радичевски, од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, доби 4.177 гласа, односно 47,36 отсто. Разликата меѓу двајцата кандидати изнесува 265 гласа.
На гласање излегле 8.820 избирачи, а излезеноста изнесува 54,29 отсто. Евидентирани се и 201 неважечко гласачко ливче.
Во споредба со првиот круг, кога гласале 7.572 избирачи, во вториот круг на гласање излегле 1.248 граѓани повеќе.
Победата на Јахији, ДУИ ја прослави во присуство на партискиот лидер Али Ахмети. Го придружуваше Арбен Таравари, а беа присутни и бројни пратеници и функционери на партијата.
По изборниот пораз на партискиот кандидат Стојанчо Радичевски, се огласи и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Мицкоски оцени дека неговата партија во изборната трка настапила со конкретна програма и развоен концепт, додека политичките противници, според него, се потпирале на етничка мобилизација и поддршка од други политички фактори за да одвлечат гласови.
„Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови“, напиша Мицкоски.
