Легендарниот британски рок-бенд Deep Purple беше принуден во последен момент да ги откаже претстојните настапи во Германија, откако нивниот пејач и фронтмен, Ијан Гилан, итно беше хоспитализиран.
Познатата група требаше да настапи вечерва во Лајпциг и утревечер во Хамбург, но концертите се одложени поради ненадејни здравствени компликации кај седумдесет и деветгодишниот пејач.
По тој повод, бендот им се обрати на јавноста и на загрижените обожаватели преку официјално соопштение на социјалните мрежи, нагласувајќи дека интензивно работат на пронаоѓање нови термини, како и дека сите купени билети ќе важат за одложените концерти.
„Со големо жалење, Deep Purple мора да објави дека не сме во можност да настапиме како што беше планирано – вечерва во „QI Arena“ (Лајпциг) и утревечер во „Sporthalle“ (Хамбург). Ова се случува поради итна здравствена состојба поврзана со Ијан Гилан, што резултираше со негова итна хоспитализација.
Свесни сме дека ова соопштение доаѓа во последен момент и ја споделуваме разочараноста на сите наши прекрасни обожаватели што не можеме да настапиме во Лајпциг и Хамбург.
Deep Purple и нивниот тим се фокусирани на пронаоѓање соодветен датум за презакажување на двата концерта.
Сите купени билети ќе важат за новите датуми.
Со најголема љубов и почит“ – велат од Deep Purplе.
